ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 – Француска револуција! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 – Француска револуција!

Citroën нè покани во Виена за да бидеме меѓу првите во светот кои ќе имаат можност да ги возат новите C3 и ë-C3. Кога за прв пат ни го покажа новиот C3, францускиот бренд вети дека ќе направи револуција во сегментот – дали успеа во тоа?

Не е лесно да се направи наследник на еден навистина успешен автомобил. Очекувањата се веќе наметнати, купувачите точно знаат што бараат и навистина е тешко да се направи радикален чекор во било која насока. А кога се работи за автомобил како C3 – предизвикот и багажот кои доаѓаат со него се вистински големи.

Да го поставиме новиот C3 во вистинскиот контекст.

И ајде тоа да го ставиме во правилниот контекст – со над 5.7 милиони примероци, C3 е апсолутниот бест-селер во историјата на Citroën. Да, продаден е во повеќе примероци и од легендарниот 2CV – а ако тоа со себе не носи огромна одговорност, тогаш навистина не знаеме што би носело таков „товар“.

Минатата генерација на францускиот градски хечбек беше хит – како на пазарите ширум светот, така и кај нас. Сите познаваме барем еден-двајца кои возат или поседуваат C3, а C3 е редовна појава на топ-листите на најпродавани автомобили кај нас. Ако кажеме дека ова е најверојатно еден од најважните новитети годинава на нашиот пазар – најверојатно нема да кажеме доволно.

И сето тоа нè носи до новиот C3. Пред само неколку месеци Citroën нè покани во Париз на премиерата на новиот автомобил, а денес веќе можеме да зборуваме за првото искуство зад управувачот.

Нова платформа, нов пристап, нова стратегија

А новиот C3 е навистина нов. Поставен е на нова платформа која го носи името Smart Car Platform и неговиот развој е воден од достапноста. Платформата овозможува различни погони, но нејзиното срце е токму електричното возење, а Citroën вети дека со лансирањето на новиот C3 ќе ги натера купувачите да ги надминат сите предрасуди кои ги имаат за електричните автомобили.

Како? Па прво и основно – ценовно. Французите препознаа дека патот кон масовно прифаќање на електричните автомобили не оди преку разно-разни скапи и тешки SUV модели, туку преку компактни, лесни, рационални и достапни автомобили. Ширум Европа каде електричните возила уживаат во субвенции и даночни олеснувања, ë-C3 ќе може да се добие за помалку од 25.000 Евра, односно за помалку од 20.000 Евра со основно ниво на опрема и помала батерија.

И немојте да помислите дека ë-C3 не е технолошки напреден. Напротив, користи модерен LFP батериски модул со капацитет од 44 kWh и електромотор со моќност од 113 коњски сили. Тоа можеби и не звучи како многу, но автономијата (според WLTP) од 320 километри е доказ дека рационалниот пристап е всушност вистинскиот.

C3 повеќе не е cute

Но пред да зборуваме за возењето, да зборуваме за дизајнот. Интересно, за прв пат во историјата на C3, Citroën го напушта „овалниот“ дизајн кој досега беше одлика на моделот и наметнува сосем поинаков, посамоуверен лик. Предниот дел е безмалку исправен, светлосниот потпис (кој дебитираше кај концептот Oli) веќе станува препознатлив, а формите се самоуверени и горди. Централно-поставеното ново лого на Citroën гордо кажува за чиј автомобил се работи, а заштитните панели околу целата надворешност истакнуваат робустен и компетентен карактер.

Секако, двобојната каросерија и понатаму останува во понудата, а тука се и храбрите, силни бои. Двобојната каросерија е особено истакната преку профилот на C3, додека на задниот дел повторно најголемиот дел од вниманието го задржува новото лого на Citroën околу кое се поставени светлосните елементи.

Поврзано:  Fiat размислува за ограничување на максималната брзина на малите автомобили

Би рекле дека исто како и основата, и дизајнот е сериозна отстапка од досегашниот дизајн на Citroën. Всушност, како што ни кажа Boris Reinmoller, еден од дизајнерите на Citroën – самите сакале да го напуштат „cute“ пристапот на досегашниот модел и да добијат посамоуверен, по-SUV автомобил кој ќе биде привлечен за што е можно поширока публика.

Дали успеале во ова? Оставаме самите да пресудите, но нашиот став е дека C3 изгледа самоуверено, гордо и многу добро знае каде настапува. А и дa се потсетиме – тука навистина нема простор за грешки.

Во кабината се препознава несекојдневното размислување на инженерите и дизајнерите

И ако екстериерот е самоуверен, во кабината се забележува несекојдневното размислување на инженерите и дизајнерите на Citroën. Првиот впечаток кога ќе ја отвориме вратата е дека тука е… Поинакво. Нема конвенционални инструменти, управувачот е помал, а материјалите се несекојдневни и привлечни.

Да, тука нема конвенционални инструменти. Има нов хед-ап дисплеј кој истовремено решава интересен проблем, а и работи во насока на намалување на трошоците. Како? Па наместо да вградуваат скап проектор кој ќе ги проектира информациите на ветробранското стакло, информациите се проектираат врз црн панел кој е визуелно поставен над управувачот. Со тоа се овозможува лесен увид во сите потребни параметри околу возењето, а се елиминира двојниот трошок кој би настанал од имање засебни инструменти и хед-ап дисплеј.

Но вистинскиот Citroën се препознава по комфорот, а тука Citroën е едноставно на самиот врв во класата. Прекрасните Citroen Advanced Comfort седишта се дел од комбинацијата која му овозможува на C3 да биде на сосем друго рамниште. Седиштата кои се како комфорни фотелји ве прегрнуваат и истовремено нудат одлична поддршка во сите насоки, а во комбинација со прилагодливоста и малиот управувач овозможуваат одлична прегледност.

Поврзано:  ТЕСТ: Citroën C5 Aircross Hybrid 145 Automatic MAX - Citroën, и сè што тоа значи!

На средината на конзолата е поставен мултимедијалниот уред кој лесно се поврзува со мобилен телефон (и има безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување). Самиот инфозабавен систем е брз и респонзивен и не забележавме никакви колебања или задоцнувања. Под инфозабавниот систем се поставени физичките контроли за клима уредот, а на гребенот меѓу возачот и совозачот е контолерот за преносот, а низ целата кабина има доволно места за складирање ситници.

Citroën конечно ги смени старите прекинувачи за светлата, бришачите и трепкачите со нови и помодерни. Има и безжичен полнач за мобилен телефон (кој работи одлично, а не само да го грее телефонот), како и централен наслон меѓу возачкото и совозачкото седиште.

Но она што е навистина интересно е она кое „недостасува“. И намерно го ставаме тој збор во наводници, затоа што инженерите и дизајнерите на Citroën одлучиле да ги исфрлат сите „непотребни“ ситници кои не се толку непотребни, колку што навистина не ги користиме (или не би ги користеле) во ваков автомобил. Па затоа нема селектор на режим за работа – кому му е навистина потребен Sport режим кај еден ваков автомобил. Нема ниту различни нивоа на рекуперација на електричната енергија кај електричниот ë-C3, ниту пак „лопатки“ за менување брзини. Едноставно не се потребни – а тоа придонесува кон намалување на цената. Рационално, како што треба.

Од друга страна, има навистина многу простор – дури и на задните седишта. Во ред, сегментот во кој припаѓа C3 е ограничен кога станува збор за големината, но дури и повисок патник ќе се смести зад релативно висок возач.

А немаме забелешка ниту на багажниот простор – со 310 литри багажен простор, C3 е меѓу подарежливите во класата. Ќе забележиме дека кога ќе се преклопат задните седишта не се добива идеално рамно дно, но тоа е тоа.

Електричен или бензински погон – одберете самите!

И сега, ајде малку за погонот. Имавме можност да возиме две верзии – прво седнавме зад управувачот на електричниот е-C3 и впечатокот кој самиот се наметнува е дека електричниот погон му одговара на C3. Всушност, со неговата рафинираност, му одговара на секој Citroën. Целосното отсуство на вибрации и несакана бучавост одлично му прилега на автомобил каде главниот фокус е на комфорот и добросостојбата.

Перформансите се (повторно) во рамките на вистинските потреби – 100 километри на час се достигнуваат за 10 секунди, додека максималната брзина е 135 километри на час. Како што рековме, батеријата е со капацитет од 44 kWh, додека електромоторот има моќност од 113 коњски сили. Автономијата од 320 километри е повеќе од доволна за просечните потреби за околу една седмица – и нели тоа е повеќе од доволно? За време на тестирањето измеривме просечна (комбинирана) потрошувачка на електрична енергија од околу 12 kWh на 100 километри, што пак сугерира дека во одредени услови можеби ќе поминеме и повеќе од декларираните 320 километри!

Поврзано:  Renault 4 E-Tech е прогласен за Autobest Best Buy Car of Europe за 2026!

Потоа, седнавме и во поконвенционален C3, опремен со 1.2-литарски турбо-бензинец и мануелен менувач со 6 брзини. Бензинецот испорачува 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута и во вистинскиот свет е сосем доволно агилен и еластичен за лесно да го задвижи C3 во скоро секакви услови. Го има оној препознатлив звук на трицилиндерски мотор, но работи прилично тивко и рафинирано.

Во релативно опуштени услови на возење измеривме комбинирана потрошувачка од нешто над 6 литри на 100 изминати километри.

Фокус кон комфорот

И како се однесуваат C3 и ë-C3 во возење? Французите ја направиле вистинската одлука и целиот фокус е кон комфорот. C3 нема апсолутно никакви амбиции да биде „спортски“ или „агресивен“ кросовер.

Напротив, максимално е насочен кон лесното секојдневно користење и лебдење врз асфалтот. Голем удел имаат и Citroën Progressive Cushions амортизерите кои сега се дел од стандардната опрема на C3. Овие напредни амортизери успеваат да ги исфилтрираат скоро сите нерамнини од асфалтот.

Нашата тестна рута нè однесе од Австрија каде асфалтот е идеален и мазен, во Унгарија – каде не е. Зошто? Затоа што домаќините од Citroën сакаа да се увериме дека C3 лесно се справува и со асфалт кој е далеку од совршен и првичните впечатоци се дека потполно успеале во тоа. Само навистина груби удари го пореметуваат мирот во C3, но сепак ќе причекаме да пристигне и кај нас за да направиме вистински тест.

Новиот C3 е инженерски триумф!

И на крајот, по сето ова, какви впечатоци остава новиот C3? Заклучокот е навистина интересен бидејќи токму со новиот C3, Citroën го прави она кое Citroën го прави најдобро – а тоа е своевидна француска револуција во сегментот, највеќе благодарение на иновативните решенија, паметниот инженеринг и онаа препознатлива доза на рационална налудничавост по која е познат францускиот бренд.

На инженерите на Citroën им успеало да направат автомобил кој ќе биде достапен, но нема да се чувствува евтин. Простороен и практичен, без да биде огромен. И секако – електричен и ефикасен, без да биде здодевен и скап. Всушност, лесно е да се направи скап автомобил. Многу потешко е да се направи достапен автомобил кој ќе ги задоволи вистинските потреби… А ако тоа не е инженерски триумф и дизајнерски подвиг, тогаш навистина не знаеме што е.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.