ПРЕМИЕРА: CARclub на премиерата на новиот Citroën ë-C3 – Заборавете сè што знаете за електричните автомобили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: CARclub на премиерата на новиот Citroën ë-C3 – Заборавете сè што знаете за електричните автомобили!

Со новиот електричен ë-C3, францускиот производител поставува нови правила во сегментот и поставува нови стандарди за комфор, лесно електрично живеење и добиена вредност.

Новиот целосно-електричен ë-C3 гордо ја предводи четвртата генерација на бест-селерот на Citroën. Досега се продадени повеќе од 5.6 милиони примероци па францускиот бренд вложи многу ресурси и многу внимание во автомобилот кој треба да биде најдобар претставник на брендот во годините кои доаѓаат. Всушност, безмалку третина од продадените возила на Citroën во Европа се C3!

Со новиот е-C3, францускиот бренд одново се открива себеси за да може да го исполни и надмине предизвикот да испорача електрична мобилност и да ја направи достапна за сите. Тоа најдобро го опиша Thierry Koskas, новиот Главен Извршен Директор на Citroen, кој кажа дека „Очекувањата на купувачите во Б-сегментот се сменија, особено со растечката популарност на SUV моделите и зголемената желба да се вози на струја во и околу нашите градови. Истовремено, станува сè потешко европските производители да ги исполнат тие очекувања а Citroën се охрабрува да го направи токму тоа со новиот, целосно-електричен e-C3 за европските купувачи. Новиот e-C3 е дизајниран за и направен во Европа.“

Како што и можевме да очекуваме, комфорот го има примарниот збор. Новиот e-C3 за прв пат ги добива прогресивните хидраулични перничиња кои толку успешно нудат идеален комфор кај другите модели на францускиот бренд. Комфорот е клучен за карактерот на еден Citroën и комфорот е клучен за Citroën бидејќи е клучен за купувачите. Citroën сака новиот е-C3 да биде најкомфорен во сегментот па покрај тоа добива и нова верзија на врвните Citroën Advanced Comfort седишта.

Кога сме кај комфорот – од Citroën кажуваат дека во новиот e-C3 ќе се чувствувате како дома. Ентериерот е изграден околу едноставни но рафинирани површини за да се добие амбиент како во светла просторија со авторитативна возачка позиција и нагласено чувство на контрола и безбедност.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Благодарение на зголемените димензии и кабината добива повеќе простор – како на предните, така и на задните седишта. Всушност, од Citroën кажуваат дека просторот за нозе на задната клупа е цели 20 милиметри поголем од просекот во класата. Задните седишта се модуларни, а багажникот нуди капацитет од одлични 310 литри.

e-C3 е придвижуван од нов електромотор со моќност од 113 коњски сили кој се напојува од батерија со капацитет од 44 kWh. Според WLTP мерењата, оваа комбинација може да испорача автономија до 320 километри. Истовремено, можноста за полнење на брз DC полнач со максимална моќност од 100 kW овозможува полнење од 20 до 80% за само 26 минути. Забрзувањето до 100 километри на час трае 11 секунди, додека максималната брзина е 135 километри на час. Автономијата и моќноста се повеќе од доволни за секојдневно возење во градот и околу него. Во Франција оваа конфигурација ќе чини од 23.300 Евра, додека понатаму ќе биде понудена уште една опција со помала батерија и автономија до 200 километри која во Франција ќе чини од 19.990 Евра.

Всушност – Citroën „во центар“ го препознава вистинскиот рецепт за компактно, практично електрично возило – не се потребни огромни, тешки батерии кои само ќе ја зголемат цената и негативно ќе влијаат на ефикасноста и перформансите. Вистинската тајна е во препознавање на вистинските потреби (французите кажуваат дека просечниот возач дневно минува помалку од 80 километри) и соодветно димензионирање на компонентите – а според нас, кај е-C3 е постигнато токму ова.

Возачите на e-C3 ќе можат да го планираат патувањето со новата E-Routes апликација која е специјално дизајнирана за моделите на Citroën и е дел од Connect Plus услугата која францускиот производител ја нуди. Преку оваа апликација возачот ќе може да го планира патувањето и полнењето, како и да го подготви возилото за патување пред патување и да го провери статусот на батеријата. Дигиталниот пристап продолжува со кабината која Citroën ја нарекува C-Zen Lounge. Овој пристап одново ја обмислува традиционалната кабина и ветува многу комфор и простор. Пред возачот и совозачот е поставен чист елемент на кој нема традиционални инструменти – e-C3 добива нов иновативен хед-ап дисплеј кој на црна површина меѓу ветробранското стакло и конзолата ги проектира сите податоци. Ова гарантира дека нема да има дуплирање на информации (и дуплирање на трошоци за производство), но и дека возачот ќе може лесно да пристапи до сите потребни податоци.

На центарот на конзолата е поставен нов, 10.25-инчен мултимедијален дисплеј кој ветува лесно поврзување, а за моделите кои нема да го добијат овој дисплеј подготвен е нов систем за целосна интеграција на мобилен телефон. Секако, тука е и неизбежното интегрирање со Android Auto и Apple CarPlay. Од Citroën гордо ги истакнуваат и системите за активна и пасивна безбедност, како и системите за асистенција во возењето – Active Safety Brake, Active Lane Departure Warning System, Driver Attention Alert, итн.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 - Француска револуција!

Инаку, дизајнот на e-C3 е храбар и самоуверен. Од Citroën воопшто не кријат дека новиот е-C3 е директно инспириран од Citroen Oli концептот кој беше прикажан минатата година и кој беше одлично прифатен од јавноста и автомобилските медиуми. Интересниот пристап на овој дизајн е пренесен и кај e-C3, каде вертикалноста е во директен контраст со хоризонталните површини и форми.

e-C3 е првиот автомобил кој го добива новото овално лого на Citroen. Еден од носечките елементи на дизајнот е новиот трослоен светлосен потпис кој комбинира еден вертикален и два хоризонтални елементи, додека краткиот преден поклопец е директен контраст на вертикалната предна маска и исправеното предно ветробранско стакло.

На задниот дел вниманието оди кон задните светла и декоративниот панел меѓу нив, како и острите форми во долниот дел. Исто како и предните, и задните светла имаат троделен потпис со два хоризонтални и еден вертикален елемент, додека на средината на задниот дел гордо стои логото на францускиот бренд.

Сега за сега од Citroën не откриваат со какви конвенционални мотори ќе се нуди новиот C3, но очекуваме дека на некои пазари (вклучувајќи го и нашиот) ќе се нуди со 1.2-литарскиот бензинец кој веќе добро го познаваме. Но уште на првиот контакт, неизбежен е впечатокот дека со новиот е-C3, францускиот бренд навистина започнува ново поглавје и ќе биде првиот европски бренд кој ќе успее да испорача навистина достапна електрична мобилност, а притоа нема да направи компромис во однос на практичноста, комфорот и оној необјаснивиот француски je ne sais quoi. Продажбата се очекува да започне во првата четвртина од следната година и со нетрпение очекуваме да седнеме зад управувачот.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Citroen целосно го откри новиот C3 Aircross


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.