Дали електричниот Land Cruiser Se е иднината на Toyota? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали електричниот Land Cruiser Se е иднината на Toyota?

Јапонскиот гигант на домашен терен претстави нешто неочекувано – Land Cruiser EV кој можеби е најдиректна најава за електричната иднина на Toyota.

Глобално Toyota е дефинирана од два модели – едниот модел е бест-селерот Corolla, додека другиот модел е незаменливиот, сè-теренски (и голем) Land Cruiser.

Но онаму каде досегашните бензински и дизелски варијанти на Land Cruiser биле високи, големи и наметливи возила, електричниот Land Cruiser Se е понизок, поаеродинамичен и подинамичен. Интересно, тркалата се огромни, но се обвиени во нископрофилни гуми – нешто што не очекуваме за теренец кој би требало да вози по секаков терен. Всушност, електричниот Land Cruiser Se изгледа како повеќе да припаѓа на урбаниот асфалт отколку на недостапен терен.

Но сепак – ова е концептно возило и најверојатно не најавува замена за досегашниот Land Cruiser (ниту пак замена за неговите легендарни теренски таленти) туку најавува покомпактен, електричен урбан Land Cruiser (и кога сме веќе таму, се сеќавате на Urban Cruiser од пред 15-тина години?) кој во хиерархијата на Toyota ќе биде поробустна (и целосно-електрична) алтернатива на Rav4, или пак можеби би бил замена за bZ4X – можеме само да шпекулираме.

Концептот е интересен – и да, сега за сега е само концепт. Toyota не потврдува дали Land Cruiser Se би одел во сериско производство но сепак ќе признаеме дека изгледа навистина интересно. Повторно, сигурни сме дека нема да биде целосна замена за постоечкиот Land Crusier – но самиот факт декa Toyota одбра на концептот да му го даде токму тоа легендарно име зборува многу за сериозноста со која јапонскиот гигант пристапува кон него. Доаѓаат интересни времиња.

Поврзано:   Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.