По цели 20 години отсуство, Toyota го враќа легендарното име Celica! Новата GR Celica ќе дебитира во Светскиот рели шампионат во 2027 година, а сè погласни се најавите дека се подготвува и сериска верзија за вистинските автомобилски ентузијасти!
Одлични вести за љубителите на јапонските спортски автомобили! Toyota официјално потврди дека Celica се враќа на автомобилската сцена, и тоа таму каде што има испишано некои од најславните страници во својата историја – на рели патеките!
Новата GR Celica Rally1 ќе се натпреварува во WRC шампионатот од 2027 година, но интересно е што нема да го замени актуелниот GR Yaris. Напротив, Toyota ќе настапува со два различни модели, распоредени во две фабрички екипи.
Ова го овозможуваат новите технички правила за 2027 година, кои им дозволуваат на производителите да користат различни каросерии врз заедничка механичка основа.

И токму тука работите стануваат интересни!
Иако новата Celica ќе добие препознатлива купе-силуета, пониска предница, проширени крила, агресивни отвори за воздух и огромен заден спојлер, под каросеријата ќе ја дели речиси целата механика со новиот GR Yaris Rally1.
Двата автомобили ќе користат 1.6-литарски турбо-бензински мотори, а според техничкиот директор на Toyota, Том Фаулер, инженерите работеле на тоа двата модели да имаат практично идентични перформанси, и покрај различната аеродинамика.
Toyota Racing ќе настапува со новата GR Celica, зад чиј управувач ќе седнат Елфин Еванс, Оливер Солберг и Сами Пајари. Од друга страна, Gazoo Racing Toyota ќе продолжи со GR Yaris, со От Танак, Такамото Кацута и Кале Рованпера, кој ќе настапува на одбрани натпревари.

Но Celica не е само уште едно познато име од минатото. Ова е автомобил со вистинско рели-педигре!
Легендарната Celica GT-Four освои четири возачки WRC титули во периодот од 1990 до 1994 година. Карлос Саинц беше шампион во 1990 и 1992 година, Јуха Канкунен во 1993, а Дидие Ориол во 1994 година.
Токму затоа, враќањето на Celica во WRC има посебно значење за Toyota, но и за сите кои со носталгија се сеќаваат на златната ера на рели-автомобилите.

А што е со сериската Celica?
Тука вестите стануваат уште повозбудливи. Иако Toyota засега официјално ја потврди само натпреварувачката верзија, информациите укажуваат дека јапонскиот производител развива и нов спортски автомобил кој би го продолжил наследството на Celica.
Според досегашните најави, новиот модел би можел да добие 2.0-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри и моќност од околу 400 коњски сили!
Се споменуваат и напреден погон на сите четири тркала, шестстепен мануелен менувач и осумстепен автоматски менувач. Секако, овие спецификации засега остануваат непотврдени, исто како и датумот на пристигнување на серискиот модел.

Последната генерација на Celica престана да се произведува во 2006 година, па евентуалното враќање во продажните салони би означило крај на пауза долга повеќе од две децении.
Со GR Yaris, GR Corolla, GR86 и најавеното враќање на Celica, Toyota очигледно нема намера да се откаже од автомобилите создадени за возачко уживање.
Ако новата Celica навистина пристигне со 400 коњски сили, погон на сите четири тркала и мануелен менувач, тогаш – мораме да признаеме – едвај чекаме да ја запознаеме!



