JAC Motors официјално станува дел од портфолиото на ABC Brother – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

JAC Motors официјално станува дел од портфолиото на ABC Brother

Кинескиот бренд JAC Motors и официјално стана дел од портфолиото на ABC Brother во Македонија.

Моделите на JAC не се непознати на нашиот пазар, но од деновиве кинескиот бренд и официјално стана дел од портфолиото на ABC Brother, компанијата која на нашиот пазар веќе ги нуди моделите на брендовите Dongfeng, Forthing, Voyah, MHERO и BAW.

Со воведувањето на JAC Motors во понудата, ABC Brother уште на самиот старт нуди три нови модели – современиот SUV кој ја носи ознаката JS6 и е достапен во бензинска и плаг-ин хибридна варијанта, како и двата пикап модели со ознаките T8 Pro и T9.

Новиот SUV JS6 се нуди само во една изведба, која ја носи ознаката Flagship и како што и очекувавме, оваа изведба влегува во Нема-Што-Нема категоријата. Дизајнот е современ и ненаметлив, а при првиот контакт, кабината ветува врвни технологии и системи за асистенција, многу простор и лесно секојдневно користење. Промотивната цена за JS9 Flagship со 1.5-литарскиот турбо-бензинец со 171 коњска сила е 25.900 Евра.

Плаг-ин хибридниот JS6 PHEV чини 30.490 Евра и доаѓа со батерија со капацитет од 21.68 kWh и ветува дека може да помине до 120 километри со полни батерии, односно дури 900 километри во комбинирани услови (според WLTP). Вкупната системска моќност на JS6 PHEV е 204 коњски сили.

Очекуваме дека ќе бидат интересни и пик-ап моделите. Почеток на понудата е T8 Pro кој доаѓа со двојна кабина и 2-литарски  турбодизел и чини 28.900 Евра. Поголемиот се вика T9 и го добива истиот 2-литарски турбодизел и во единствената достапна варијанта со ознаката Luxury чини 33.900 Евра. Двата модели имаат гаранција од 5 години, односно 100.000 километри.

За повеќе информации, посетете го салонот на ABC Brother, или пак погледнете ја официјалната веб-страница на JAC Motors за Македонија.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.