ТЕСТ: Kia Seltos 1.6 T-GDI DCT7 AWD X-Line – Најголемата закана за Sportage доаѓа од… Kia? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Kia Seltos 1.6 T-GDI DCT7 AWD X-Line – Најголемата закана за Sportage доаѓа од… Kia?

Sportage убедливо доминира во својот сегмент, и тоа не само во Македонија. Но дали заканата на Sportage доаѓа од Kia?

Seltos не е ново име во понудата на Kia. Првата генерација се продаваше безмалку насекаде освен во Европа, но корејскиот бренд одлучи дека новата, втора генерација заслужува да биде понудена и на компетитивниот (и би додале, пребирлив) европски пазар.

И денес ќе зборуваме токму за Seltos, моделот за кој Kia има големи амбиции, а ние би рекле – моделот кој е вистинската закана за пазарната доминација на миленикот на програмерите, Sportage. Но има логика и позади тоа лудило, но за тоа малку подоцна.

Самоуверен SUV инспириран од големите и електрични модели на Kia

Првиот впечаток од Seltos е дека се работи за самоуверен нов SUV. Презема дизајнерски детали од поголемите модели на Kia – како од Sorento и електричниот EV9, така и од огромниот Telluride кој Kia го нуди во САД.

Предниот дел е дефиниран од широката предна маска и вертикално-изведените дневни светла, додека комплексните линии и површини му даваат на профилот супер-современ и самоуверен став. Свој придонес има и долгото меѓуоскино растојание кое всушност е малку подолго од она на Sportage.

Има и навистина интересни детали – од комплексните линии кои започнуваат во предните врати, преку рачките кои се вовлекуваат во вратите, па сè до исфрлените задни светла.

А кога сме кај задниот дел, тука едноставно доминираат (и навистина, тешко е да се најде друг збор) големиот светлосен потпис на Seltos и големиот, агресивен заден спојлер. Плус, нашата X-Line изведба доаѓа со поспортски детали во предниот и задниот браник, големи црни тркала и грст други додатоци.

Сè на сè – Seltos е самоуверен. Ни се допаѓа.

Просторна и практична кабина.

Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина која (повторно) е директно инспирирана од поголемите и електричните модели на Kia. Се сместуваме во големите, комфорни седишта и веднаш се препознаваат технолошките достигнувања кои Kia ги има во своето портфолио.

Поврзано:  Сите кандидати за Европски Автомобил на Годината се електрични!

На централната конзола е поставен голем едноделен панел на кој се поставени два големи екрани – едниот пред возачот, наменет за информациите околу возењето, вториот на средината на централната конзола наменет за инфозабавните функционалности, навигацијата, клима-уредот и слично.

Ако имаме една забелешка на оваа конфигурација, тогаш е истата која ја имавме и за EV2. Дигиталните контроли за клима уредот кои се поставени на левата страна од десниот екран, од погледот на возачот се скриени зад управувачот и „на прва“ можете да не ги видите – но кога ќе научите дека се таму, тогаш… Таму се.

Инаку, под десниот екран има физички кратенки до некои функционалности, како и физички контроли за клима уредот. Привлечно, елегантно и практично. Инфозабавниот систем ни е веќе добро познат – функционира брзо и респонзивно и нема скоро никакво доцнење при користењето. Секако, има и безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување.

Возачката позиција е одлична – се седи ниско и спортски (или високо и доминантно ако така сакате), а прегледноста е добра благодарение на големите стаклени површини (и камерите и сензорите, нормално). Сите команди се онаму каде очекувате да бидат, а материјалите во кабината се генерално квалитетни. Да, во ред – доминираат пластики, но текстилот на централната конзола ни се допадна, а и пластиките се фини на допир. Единствената забелешка која ја имаме на ентериерот е тивкото тропкање кое се јавуваше од сончевиот кров кога минувавме преку нерамнини, но тоа може да е и до конкретниот автомобил.

Ни се допаѓа и поставеноста на рачката на менувачот, која е поставена на управувачкиот столб. Со ова е лесна на дофат, а се ослободува повеќе простор во централниот гребен меѓу возачот и совозачот – а таму има безжичен полнач, неколку физички копчиња и два големи држачи за чаши.

Поврзано:  ТЕСТ: Kia EV2 Standard Range 42.2 KWh Earth - Вовед во струјата кај Kia

Изненадува и просторната понуда на задниот дел. Наслонот на задната клупа е прилагодлив, па можете да одберете меѓу понавалено седење на задните седишта, или пак повеќе простор во багажникот. Плус, во ова ниво на опрема задните седишта добиваат и засебни USB приклучоци, отвори за вентилација и грењее.

И секако, не смееме да го заборавиме ниту багажникот. Преку големата петта врата се пристапува до багажник со правилна форма и капацитет од 483 литри со исправени задни седишта, односно 1458 литри со преклопени.

Турбо-бензинец, 180 коњски сили, погон на сите четири тркала

Seltos се нуди со погон на предните или на сите четири тркала, но само со еден турбо-бензинец со 180 коњски сили (но во најава е и хибридна изведба). Нашиот тестен модел е во врвната X-Line изведба, а тоа значи погон на сите четири тркала и DCT7 автоматски менувач со двојна спојка.

Официјалните бројки зборуваат за забрзување до 100 километри на час за рамно 9 секунди и максмални 205 километри на час, како и потрошувачка од околу 7.5 литри на 100 изминати километри. За време на неколкудневното тестирање, ние измеривме градска потрошувачка од рамно 10 литри на 100 изминати километри.

Погонот е прилично мазен, но во нормален (односно Еко) режим на работа се забележува дека е калибриран за што е можно поефикасно возење, а тоа пак резултира со одредено „колебање“ на менувачот и моторот (особено при ниски вртежи). Префрлете во Sport и Seltos се трансформира – ова колебање го снемува и би рекле дека дури возењето е помазно.

Инаку, возењето е комфорно и пријатно, а Seltos успева да погоди одлична комбинација меѓу комфор и динамика. Секако, поголем акцент е даден на комфорот и на семејната практичност, но од свиок во свиок, Seltos нема да Ве изневери. Од друга страна, се покажа како исклучително комфорен и рафиниран дури и при повисоки, автопатски брзини – а тоа значи дека патувањето кон подалечни дестинации нема да бидат никаков проблем.

Поврзано:  Новиот Kia XCeed - динамика, технологија и комфор во совршен баланс

Дали Seltos е најголемата закана за Sportage? Па…  И да, и не.

И добро, по сето ова, се поставува прашањето – дали Kia си „пука во нога“ со Seltos кој е толку близок по сите параметри до Sportage, а е неколку илјади Евра поевтин? Дали можеби Kia ризикува да „канибализира“ од продажбата на Sportage токму со модел кој Kia го произведува?

Одговорот на ова го добиваме ако погледнеме малку подалеку од моменталната понуда. Тековниот Sportage е на пазарот веќе 6 години и Kia веќе подготвува негова замена. Новиот Sportage очекуваме дека ќе биде поголем, поефикасен и понапреден – а со тоа и поскап, па ценовната разлика меѓу Seltos и Sportage ќе биде уште поголема.

И токму поради тоа очекуваме дека Seltos лесно ќе ги најде своите фанови и купувачи. Да, Sportage е доминантното име во понудата на Kia, но кога „алтернативата“ доаѓа од истиот бренд, ги нуди истите (па дури и понови) технологии и кога нуди навистина слична просторна понуда, и сето тоа по пониска цена – тогаш Sportage, жални ни е, но едноставно… Каменот од блиску доаѓа.

Спецификации

Модел: Kia Seltos 1.6 T-GDI DCT7 AWD X-Line
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 265 Nm / 1600 – 4500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9 секунди
Максимална Брзина: 205 километри на час
Должина: 4430 mm
Ширина: 1830 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1620 mm
Тежина: 1665 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2690 mm
Багажен Простор: 483 – 1458 литри
Потрошувачка: 10 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Kia Seltos 1.6 T-GDI 180 MT6 FWD Light – 26.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Seltos 1.6 T-GDI DCT7 AWD X-Line – 39.900 Евра
Гаранција 7 Години
Повеќе Информации: Kia.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.