BMW размислува за сериско Alpina V8 купе – и тоа би било спектакуларно! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW размислува за сериско Alpina V8 купе – и тоа би било спектакуларно!

BMW сериозно ја разгледува можноста да го претвори концептот Vision BMW Alpina во сериски автомобил со V8 мотор, кој би бил произведен во ограничен број примероци. И ние навистина се надеваме дека ќе се случи тоа!

Се сеќавате на спектакуларниот Vision BMW Alpina кој беше претставен на овогодинешниот Concorso d’Eleganza Villa d’Este? Епа, изгледа дека концептот привлече доволно внимание за BMW сериозно да размислува да го претвори во сериски автомобил!

Според информациите кои ги објавува британскиот Autocar, раководството на BMW е заинтересирано за производство на луксузното купе во ограничена серија. Интересно е дека луѓето блиски до проектот го опишуваат ова како потенцијален „M1 момент“ за Alpina – односно можност брендот да добие сопствен, уникатен автомобил кој би го дефинирал неговиот идентитет, слично како што легендарниот M1 го направи тоа за BMW M.

Да се потсетиме, Vision BMW Alpina е импозантно, 5.2 метри долго купе со 2+2 конфигурација и V8 агрегат. Концептот комбинира спектакуларен дизајн со луксуз, комфор и перформанси – токму оние карактеристики по кои Alpina е препознатлива. Со други зборови, директен конкурент на модели како Bentley Continental GT.

Но, има еден проблем. Всушност, неколку.

Концептот е базиран на BMW Серија 8 Gran Coupe, чијашто производствена приказна веќе заврши. Тоа значи дека доколку BMW одлучи да го произведува новото купе, ќе мора да пронајде нова техничка основа. А развојот на сосем нов автомобил кој би се произведувал во мал број примероци е прилично скап потфат.

Мајк Рајхелт, кој е одговорен за Neue Klasse, признава дека дизајнерите на концептот им задале сериозна главоболка на инженерите. Сепак, интересот за автомобилот е голем, а и самата Alpina би сакала да го види во ограничено производство.

Поврзано:  BMW нуди нови М Performance додатоци за новиот X5

И токму тука стануваат интересни работите. Откако BMW официјално ја презеде Alpina на почетокот на 2026 година, планот е легендарниот бренд да добие сопствен идентитет и да се позиционира меѓу луксузните модели на BMW и ексклузивноста на Rolls-Royce.

Првиот сериски модел од новата ера на Alpina ќе биде базиран на BMW Серија 7 и треба да пристигне во 2027 година, а потоа се очекува и верзија базирана на новиот X7. Но, уникатно V8 купе би било нешто сосем поинакво – вистински знаменосец кој би покажал дека Alpina е многу повеќе од само уште една ознака на автомобилите на BMW.

Сепак, конечна одлука сè уште не е донесена, па останува да видиме дали Vision BMW Alpina навистина ќе добие зелено светло за производство.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.