Во чест на 60-тиот роденден на Corolla, Toyota подготви специјални, славенички изведби на сите изведби на најпродаваниот автомобил во светот.
Toyota слави 60 години Corolla! Верувале или не, Corolla во изминативе 60 години (и 12 генерации!) е продадена во повеќе од 57 милиони примероци, и со тоа е најпродаваниот автомобил во историјата. Corolla е вистински глобален модел – се произведува на дури 12 локации ширум светот и се продава во 150 земји и региони. Европа е еден од клучните пазари за Corolla, каде се продава од 1967-мата години.
Во чест на овој јубилеј, Toyota подготви специјални роденденски изведби на Corolla во хечбек изведба, но и за седанот и караванот Touring Sports. Роденденските хечбек и Touring Sports добиваат специјална Boreal Blue сина боја во двобојна изведба со црн кров и црни столбови. Добиваат и нови 17-инчни тркала, како и мат-сребрени детали во браникот и страничните прагови. Corolla Touring Sports добива и мат-сребрен декоративен елемент во задниот браник.
Кабината добива заштитни панели на вратите во мат-сребрена боја и специјално лого во чест на 60-годишнината.
Corolla Sedan добива засебна Lunar Sky Blue боја, како и многу од деталите кои ги добиваат хечбекот и караванот. Кај сите модели се достапни уште неколку бои – Platinum White Pearl и Ash Grey Metallic… Но дали би одбрале некоја толку здодевна боја за славенички модел?
Хечбекот и караванот се достапни со 1.8-литарски или 2-литарски хибриден погон со 140 или 178 коњски сили, соодветно. Седанот е достапен само со 1.8-литарскиот хибрид. Секако, славеничките модели имаат и многу опрема, како и сите безбедносни системи кои се достапни кај Corolla.
Славеничките модели се веќе достапни за нарачка, а првите примероци ќе бидат испорачани кон крајот на Октомври.

















