Xiaomi Auto денес потврди дека потпиша пред-договори со 8 германски групации на дилери и дека веќе следната година ќе започне со продажба во Европа.
Церемонијата на потпишување на пред-договори се одржа на IFA Berlin 2026, големиот саем за технологија и електроника во Берлин. Со потпишување на договорите се прават првите чекори за поставување на продажно-сервисна мрежа на Xiaomi Auto во Европа и влез на кинескиот бренд на неколку пазари во Европа, вклучувајќи ја и Германија.
Првите партнери со кои Xiaomi Auto потпиша договори се Ernst Dello, GmbH, Autohaus Dinnebier, Emil Frey, Fett & Wirtz, Hanh Automobile GmbH, Lueg Mobility, Penske-Jacobs и SPT Avior SE. Иако на прва овие имиња не значат ништо за македонските купувачи, гиганти како Emil Frey се активни во регионов. Од Xiaomi Auto кажуваат дека овие огромни компании имаат големо оперативно искуство во Германија и на други пазари во Европа и експертиза со продажба и сервисирање на автомобили од премиум автомобилски брендови.
Европската продажба мрежа на Xiaomi ќе стартува во Германија, а понатаму ќе се шири низ Европа. Сега за сега нема информации околу обврските на соработниците на Xiaomi, ниту пак никакви информации околу нивните територии или услови за партнерство. Официјалните информации околу моделите кои ќе се нудат, како и ценовната стратегија на Xiaomi ќе бидат познати во текот на 2027.
Xiaomi досега има продадено повеќе од 700.000 возила на домашниот, кинески пазар. Електричниот седан SU7 е продаден во повеќе од 500.000 примероци, а за електричниот YU7 SUV беа примени повеќе од 240.000 нарачки за 18 часа по неговото претставување.






