Утринска гимнастика: Xiaomi YU7 GT го извозе Nürburgring.. без возач? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Утринска гимнастика: Xiaomi YU7 GT го извозе Nürburgring.. без возач?

Xiaomi со својот електричен кросовер YU7 GT заврши целосно автономен круг на германската патека за време од 10:29,483 минути.

YU7 GT со човечки возач зад управувачот постигна време од 7:34,931 минути, што го направи најбрзиот SUV на Нирбургринг, надминувајќи ги двата претходни рекордери, Audi RS Q8 Performance и Porsche Cayenne Turbo GT, за две односно четири секунди. Иако времето постигнато без возач е драстично подолго, сепак претставува врвно достигнување за брендот.

Од видеото подолу може да се забележи дека патеката беше целосно празна за YU7, односно немаше други возила на патот во текот на возењето. Сепак, со оглед на тоа што ова е првпат воопшто да се направи ваков обид за рекорд, во иднина веројатно ќе видиме како автономните кругови еволуираат за да се справат со многу покомплексни сценарија. Од Xiaomi признаа дека ова е само почеток на нешто поголемо, најавувајќи уште вакви потфати во иднина со потенцијално побрзи времиња на круговите.

„Ова не е крај, туку нов почеток за достигнување уште поголеми височини“, објави компанијата во статус на социјалната мрежа Weibo. Она што останува непознато е како точно Xiaomi се подготви за овој круг, што сè беше вклучено во процесот и колкав тренинг специфичен за оваа патека поминало возилото.

На крајот, и покрај отворените прашања, овој тест јасно покажува дека автономната технологија напредува со голема брзина. Останува да видиме колку брзо компјутерскиот мозок ќе успее да ја достигне и надмине храброста и прецизноста на врвните човечки тркачи на оваа легендарна патека.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!