Официјална македонска премиера на Porsche Cayenne Electric – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјална македонска премиера на Porsche Cayenne Electric

Вчеравечер на гала-настан, Porsche официјално го претстави новиот, целосно-електричен Cayenne Electric пред македонската јавност.

Porsche веќе ни го покажа Cayenne Electric на затворен, ексклузивен настан пред неколку месеци, но вчеравечер и официјално го претстави новиот знаменосец на електричната SUV гама пред македонската јавност.

Cayenne Electric е изграден на PPE платформата (која веќе ја запознавме кај новиот Macan Electric), но таа платформа е темелно преработена за да може да понуди едно сосем поинакво искуство и да пренесе кон патот перформанси и моќ кои во моментов се едноставно без конкуренција. Без разлика на избраната изведба, задолжена за напојување на електричниот мега-SUV е батерија со капацитет од 113 kWh.

Cayenne Electric е достапен во неколку конфигурации. Основниот“ Cayenne Electric добива „само“ 408 коњски сили, односно 441 при Launch Control, но и 834 Nm вртежен момент, кои му овозможуваат на големиот SUV да забрза до 100 километри на час за само 4.5 секунди и да достигне максимални 230 километри на час.

Скалило погоре е Cayenne S Electric кој кон подлогата испорачува 544 коњски сили, односно дури 666 коњски сили при Launch Control. Што значи сето тоа? Па како звучат 100 километри на час за само 3.8 секунди, како и максимални 250 километри на час?

На самиот врв на понудата е Cayenne Turbo Electric каде двата електромотори испорачуваат вкупно 857 коњски сили во нормални услови, но со Push To Pass се ослободуваат дополнителни 176 коњски сили кои се достапни 10 секунди. Работите стануваат страшни при Launch Control, кога Cayenne Turbo Electric има на располагање 1156 коњски сили и 1500 Nm вртежен момент. И? Што и? 2.5 секунди до 100 километри на час и максимални 260 километри на час.

Како што рековме, Cayenne Electric има батерија со капацитет од 113 kWh. Во идеални услови, таа се полни со максимални 400 kW, додека полнењет од 10 до 80% трае околу 15 минути. Достапно е и безжично полнење преку панел кој се поставува на подот и кој е наменет за полнење во домашни услови. Овој „гајтанлес“ полнач овозможува полнење со максимални 11 kW.

Поврзано:  Porsche го продаде уделот во Bugatti Rimac!

Како што еднаш веќе пишувавме, кабината е вистинска прослава на дигиталните технологии. Купувачите добиваат многу, многу опрема, но најголемиот фокус најверојатно оди кон новиот Flow Display кој е всушност базиран на два огромни OLED екрани наменети за возачот и централната конзола, а достапен е и трет екран наменет за совозачот. Има и огромен, 87-инчен хед-ап дисплеј, дигитален асистент воден од AI, и многу, многу, многу-многу повеќе.

Новиот Cayenne Electric и официјално пристигна!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.