Renault го освежи електричниот Megane E-Tech – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Renault го освежи електричниот Megane E-Tech

Француската компанија направи ревизија на првиот Megane кој целосно го напушти моторот со внатрешно согорување.

Предниот дел добива нов светлосен потпис со дијамантски мотив, додека сјајната црна решетка сега вклучува десетици мали ромбови кои го опкружуваат големиот знак.

Задниот дел исто така претрпе одредени измени, па така светлата сега имаат тридимензионален ефект и повеќе не користат стаклен капак.

Фејслифтот ги задржа 12-инчниот вертикален инфозабавен дисплеј, целосно дигиталниот 12,3-инчен екран за возачот и посебните копчиња за контрола на клима уредот.

Иако кабината во најголем дел остана непроменета, Renault додаде задолжителна внатрешна камера чија задача е да го следи вниманието на возачот со цел да се усогласи со новите европски безбедносни регулативи.

Megane E-Tech Electric сега може да помине до 500 километри според WLTP циклусот благодарение на новата литиум-железо-фосфатна батерија. Овој LFP пакет има нето капацитет од 67 kWh и физички е поголем од претходната батерија.

Renault исто така ја зголеми моќноста на полнење за 35 kW, односно на вкупно 165 kW. Со новата моќност, се намали и времето потребно за полнење на батеријата од 15 на 80 проценти на околу 24 минути. Новата батерија го напојува истиот електричен мотор кој испорачува 215 коњски сили и 300 Nm вртежен момент.

Додека официјалните фотографии го прикажуваат највисокото ниво на опременост Esprit Alpine, Renault ќе го понуди Megane E-Tech Electric и во почетната Techno спецификација. Достапни се и нови дизајни на тркала од 19 и 20 инчи, заедно со привлечната Satin Slate Blue сина боја, а моделот ќе се најде во продажба подоцна годинава.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!