ПРЕМИЕРА: Peaq е новиот електричен знаменосец на Škoda! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peaq е новиот електричен знаменосец на Škoda!

Новиот електричен врв на Škoda е развиен да биде врвно комфорен, но и врвно ефикасен – и поминува скоро 650 километри со едно полнење на батериите!

Peaq (Peak, односно „Врв“) ќе биде достапен во три различни конфигурации и ќе ги носи ознаките 60, 90 или 90x. Peaq 60 носи (релативно) мала батерија со капацитет од 63 kWh и има погон на задните тркала. Оваа верзија поминува 450 километри со полни батерии. Скалило погоре е Peaq 90 кој има батерија со капацитет од 91 kWh, и поминува повеќе од 640 километри со полни батерии.

На самиот врв е Peaq 90x кој ја има истата батерија со капацитет од 91 kWh, но силата ја пренесува кон сите четири тркала и поминува повеќе од 610 километри со едно полнење. Оваа верзија е и најмоќна – има 295 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 6.7 секунди. Peaq 60 и Peaq 90 имаат по 200, односно 280 коњски сили.

Инаку, Peaq е навистина голем SUV и ќе се нуди во конфигурација со пет или седум седишта. Дизајнот е најновата, најсилна интерпретација на Modern Solid дизајнерскиот јазик на Skoda, но со најсилен фокус кон ефикасноста и аеродинамиката. Коефициентот на отпор на воздухот е само 0.249! Па предниот дел вниманието веднаш оди кон големите светла кои се вградени во едноделен елемент. Во долниот дел од предниот браник има отвори за воздух кои го насочуваат воздухот кон страните на Peaq, а самиот профил е како извајан од едно единствено парче алуминиум.

Интересен ни е декоративниот елемент во долниот дел од вратите кој визуелно ги намалува вертикалните површини и му дава на Peaq подинамичен профил. Друг детал кој ни се допаѓа е ознаката SKODA на задните столбови. Peaq го носи и новиот заден светлосен потпис на Skoda во облик на буквата Т, а истовремено е и првиот модел на чешкиот бренд со рачки интегрирани во вратите – за подобра аеродинамика, секако.

Поврзано:  Porsche Skopje ги отвори вратите за љубителите на автомобилите!

Кабината на Peaq е замислена да биде комфорна, тивка и лесна за секојдневно користење. Како што напоменавме, Peaq може да се добие во конфигурација со пет или седум седишта, а Škoda не би била Škoda ако не овозможи максимален багажен простор. Со преклопен трет ред седишта, Peaq има багажник со капацитет од 935 литри!

Peaq го има и најголемиот панорамски стаклен кров досега вграден во модел на Škoda. Интересно е дека кровот може да се затемнува или осветлува во сегменти и нуди чувство на просторност и светлина, без притоа да дозволи во кабината да стане претопло или пак да се пренесе зрачење.

Она што нè радува е одлуката да не се оди кон целосна дигитализација, туку да се задржат физички контроли – па така под огромниот, вертикално-поставен централен дисплеј забележуваме тркалце за аудио-уредот и физички контроли за клима уредот. А кога сме кај аудио уредот – Peaq добива систем развиен во соработка со Sonos, со вкупно 16 звучници и максимална моќност од 755 вати! Неверо-ватно!

Peaq добива и преден багажник со капацитет од 37 литри. Тоа можеби не звучи како многу, но е доволно за складирање на каблите за полнење и уште неколку ситници. Има и други интересни решенија – бришачите за ветробранското стакло се со интегрирани прскалки, а во кабината можете да добиете и мала масичка која се поставува на централниот гребен меѓу возачот и совозачот. Оваа масичка е дел од Relax пакетот кој вклучува и напредни седишта со вградена поддршка за долниот дел од нозете. Секако, има и други интересни моменти – од чисталка за снег, до уште повеќе места за складирање ситници, итн.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави новиот, целосно-електричен Epiq!

Škoda Peaq се очекува да пристигне во салоните до крајот на годинава.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.