ТЕСТ: Geely Starray EM-i Max – Секојдневен супер-хибрид – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Geely Starray EM-i Max – Секојдневен супер-хибрид

Со Starray EM-i, кинескиот производител Geely се наметнува во уште еден сегмент – ако досега одеше од еден екстрем (бензин) до друг (струја), сега покажува дека многу добро ја разбира и Златната Средина.

Ако Starray EM-i ви изгледа познато – има и зошто. Всушност, Starray EM-i е EX5, но со поинаков погон и малку изменет дизајн. И EX5 ни е веќе многу добро познат – го возевме на неговата регионална презентација во Србија, а потоа го возевме и на наш, домашен терен. А сега сме тука да зборуваме за Starray EM-i – неговиот (нијанса) поконвенционален брат. Зошто го нарекле Starray EM-i наместо EX5 EM-i? Ни ние не знаеме.

Но не-баш-јасната-стратегија-за-именување настрана, ајде да зборуваме за Starray EM-i. На прв поглед, Starray EM-i е плаг-ин хибриден SUV. Има бензинец, има батерија, има и електромотор. Има и приклучок за полнење и поминува околу 80-тина километри со полни батерии. И приказната тука би требало да заврши, нели?

Што е Super Hybrid?

Па… Не баш. Од Geely самите го нарекуваат системот Super Hybrid, и сето тоа е… супер. Но што всушност значи тоа?

Super Hybrid системот на Geely оди чекор понатаму од (сега веќе, во денешно време) конвенционален плаг-ин хибрид. Да започнеме со LFP батеријата која е со релативно голем капацитет од 18.4 kWh и која овозможува автономија на струја до околу 80 километри. Се полни со 6.6 kW на AC полнач, односно 30 kW на DC полнач.  Батеријата „храни“ електромотор со моќност од 217 коњски сили и 262 Nm вртежен момент.

Е сега, да, има и бензинец – но бензинецот е примарно задолжен само за полнење на батеријата и (вообичаено) не ги движи тркалата. А тоа всушност значи дека супер-ефикасниот 1.5-литарски атмосферски бензинец со 99 коњски сили повеќето од времето функционира како Range Extender. Само во одредени ситуации моќност од бензинецот директно се пренесува кон предните тркала и во тие ситуации имате на располагање вкупно 262 коњски сили.

И всушност, тоа нè носи до првиот (и можеби најважниот) заклучок околу Starray EM-i. А тоа е дека во вистинскиот свет, повеќе се однесува како електричен SUV отколку плаг-ин хибриден SUV. Секое стартување е на струја и повеќето од движењето е на струја, а бензинскиот мотор скоро и да не се вклучува.

Поврзано:  Delfino Mobility Group со GEELY и SIXT станува партнер на РК Вардар!

Ако редовно ги полните батериите, тогаш потрошувачката на бензин е во основа Нула Литри на 100 Километри, а доколку дозволите батериите да се испразнат и го користите бензинскиот мотор како генератор, можете да очекувате градска потрошувачка од околу 3 до 5 литри на 100 километри. На отворено, потрошувачката зависи од состојбата на батеријата при тргнување, но можете да очекувате дека на отворено Starray EM-i ќе троши околу 6 литри на 100 километри. Вкупната автономија е безмалку 950 километри!

Испораката на сила од електромоторот е (како и кај секој друг ваков автомобил) инстантна и овозможува лесно и линеарно забрзување до 100 километри на час за рамно 8 секунди, а максималната брзина е 170 километри на час.

Ненаметлив, но самоуверен дизајн.

Инаку, Starray EM-i е навистина сличен на EX5, но сепак добива дискретно редизајниран (и во нашите очи, поубав) преден дел со нови предни светла и затегнат преден браник.

Профилот и стаклените елементи се неизменети, а на задниот дел добиваме редизајниран заден браник а регистерската табличка е поставена на петтата врата наместо на браникот – и според нас вака изгледа значително подобро.

Дизајнот на Starray EM-i не е нешто особено наметлив, но е доволно самоуверен за да се носи рамо до рамо со директните (и не толку директните) конкуренти.

Внимателно-изработена кабина со јасен фокус кон дигитализацијата.

А како е внатре? Целата кабина е обвиена со квалитетни материјали и многу внимание е посветено на финалната обработка на сите површини. Има многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа, а и багажниот простор е поголем во однос на електричниот EX5. Тука имате на располагање скоро 530 литри, односно 2065 литри со преклопени задни седишта.

Но навистина, како е во кабината? Првиот впечаток е дека и тука, скоро сиот фокус е кон дигитализацијата. Пред возачот е поставен помалиот екран, наменет за информациите во возењето, додека на средината на арматурната табла е поставен огромниот 15.4-инчен екран наменет за сите други функционалности. За среќа, на централниот гребен меѓу возачот и совозачот има физички контроли за клима-уредот.

Поврзано:  Geely сака да биде „како Toyota, но од Кина“

Целиот автомобил е изграден околу Flyme Auto архитектурата на Geely – а меѓу другото, тоа значи целосна интеграција на фунцкионалностите на автомобилот во една точка. Па така преку централниот екран се контролираат и огромниот панорамски стаклен кров, и греењето и вентилацијата на предните седишта, и сите други системи за асистенција во возењето.

Како што напоменавме – има многу простор во кабината. За возачот и совозачот да не правиме муабет, но во просторноста ќе уживаат и патниците на задната клупа. Патем, и задната клупа е комфорна и мека, па патување и кон подалечни дестинации нема да биде никаков проблем.

Starray EM-i не се преправа – комфорот е на прво место.

Впечатокот кој Starray EM-i го остава зад управувачот е дека главниот збор тука го има комфорот. Всушност, Starray EM-i не се ни преправа дека има некакви спортски претензии. Едноставно – нема, и веруваме дека е подобар SUV поради тоа. Не се направени компромиси во однос на комфорот, туку фокусот е цврсто кон семејна практичност и секојдневен комфор.

И тој пристап се провејува од начинот на кој е прилагодена суспензијата, па сè до самите седишта. Суспензијата е нагодена да ги впива сите дупки од нашите улици, а седиштата се обвиени во меки материјали кои дополнително ги филтрираат и најситните несакани вибрации. Starray EM-i не е SUV кој ќе сакате да го фрлате од свиок во свиок (иако, за волја на вистината, управувањето е сосем доволно прецизно), туку е SUV во кој ќе уживате во крстарењето од една локација до друга, и ќе стигнете одморени и опуштени.

На отворен пат, при автопатски брзини Starray EM-i е сосем комфорен и тивок. При силно притискање на педалата за гас бензинскиот мотор го пријавува неговото присуство и се забележува зголемена бучавост токму од него, но инаку во кабината е тивко и мирно. Адаптивниот темпомат работи одлично и мазно и одлично „држи темпо“ со останатиот сообраќај.

Поврзано:  Со Aegis Golden Brick батериите на Geely „дремењето“ на полнач заминува во историјата

Секако, бидејќи е современ автомобил, Starray EM-i доаѓа со сите (би рекле дури наметнати) системи за безбедност во возењето. Најзабележливи во секојдневно возење се системот за предупредување за надминување дозволена брзина и системот за следење на погледот на возачот. Би рекле дека овие системи во одредени ситуации дури и претеруваат, но од друга страна нема сомнеж дека навистина придонесуваат за подобрување на безбедноста.

Компетентен семеен SUV.

И сето ова нè носи до еден очекуваниот заклучок. Starray EM-i е навистина компетентен семеен SUV. Голем, комфорен, практичен и ефикасен. Geely ветуваат 84 километри на струја во идеални услови, во реалноста можете да очекувате околу 70 – но и тоа е повеќе од доволно за дневните потреби на македонскиот возач.

Плус, ги има сите хај-тек технологии кои современиот возач ги очекува и ги бара. Секако, ваквите автомобили не се за секого – потребно е да можете да ги полните во домашни услови за да го извлечете максимумот, но дури и да не го правите тоа, Starray EM-i изненадува со ефикасноста извлечена од технолошката супериорност. И придобивките од таа технолошка супериорност ќе ги гледате и ќе ги користите секојдневно.

Спецификации

Модел: Geely Starray EM-i Max
Погон: LFP батерија 18.4 kWh
1.5-литарски бензинец со 99 коњски сили
Електромотор
Моќност на електромотор: 217 коњски сили
Вртежен Момент: 262 Nm
Системска моќност: 262 коњски сили
Менувач: Автоматски, директен
0-100 км/ч: 8 секунди
Максимална Брзина: 170 километри на час
Должина: 4740 mm
Ширина: 1905 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1685 mm
Тежина: 1770 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2755 mm
Багажен Простор: 530 – 2065 литри
Потрошувачка: ~3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Geely Starray EM-i Pro – 31.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Geely Starray EM-i Max – 33.990 Евра
Гаранција 6 Години, 150.000 километри
Повеќе Информации: Geely Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.