Пристигна најновата генерација на моделот кој дефинира еден цел сегмент – новиот RAV4 е веќе во Македонија!
Сосема новиот RAV4 (или новата Рав-Четворка) има робустен нов екстериер кој го одразува неговиот автентичен SUV дух, нагласен со впечатливо ново лого. Силниот преден дизајн и динамичната силуета изразуваат робусни теренски очекувања, но и вистински идентитет на RAV4, додека задржуваат слични димензии како и неговиот претходник. Внатре, редизајнираната кабина поттикнува самоуверено, интуитивно возење, а воедно им дава на сите патници чувство на просторност и префинет комфор.
Новиот RAV4 се нуди со неколку погонски опции. Добро-познатиот самополнечки хибриден систем е достапен со погон на предните тркала и 183 коњски сили, односно погон на сите четири тркала и 191 коњска сила. Новитет е и надградениот плаг-ин хибриден погон кој користи батерија со капацитет од 22.7 kWh која овозможува околу 100 километри на струја и нуди 268 коњски сили кога е со погон на предните тркала, односно дури 304 коњски сили кога е со погон на сите четири тркала. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за само 5.8 секунди.
Веќе се познати и цените – основниот RAV4 Hybrid чини од 45.999 Евра, додека помоќниот RAV4 PHEV во врвното Luxury ниво на опрема чини 66.999 Евра.
Пред возачот е поставен 12.3-инчен дисплеј за информациите околу возењето, додека на средината на арматурната табла е поставен 12.9-инчен екран наменет за мултимедијалните функционалности. Toyota воведува и целосно-нов софтверски екосистем кој се вика Arene за кој кажува дека е „првиот чекор кон целосно софтверски дефинирани возила, овозможувајќи креирање и имплементирање на напредни безбедносни и забавни функции во дигитална околина“.
Новиот RAV4 е веќе изложен во салонот на Toyota, а наскоро го очекуваме да пристигне и на тест.



















