Македонскиот автомобилизам продолжува да се претставува на eвропската сцена – Бојан Петрушевски ќе настапи на следната трка од Clio Cup Europe која ќе се одржи од 24 до 26 април 2026 година на легендарната патека Circuit Paul Ricard во Франција.
Петрушевски ќе настапи со стартен број 969, под знамето на АКК Renault Sport Скопје во соработка со тимот Milan Competition. Оваа трка претставува уште еден важен чекор во неговата сезона, каде конкуренцијата е на највисоко европско ниво.
Clio Cup Europe е една од најреномираните one-make шампионати во Европа, со традиција која датира повеќе децении наназад. Низ годините, оваа серија се наметна како клучна развојна платформа за млади и талентирани возачи, но и како место каде искусни натпреварувачи се борат за престижни титули. Со строго изедначена техника, каде сите возачи користат идентични Renault Clio тркачки автомобили, разликата ја прават исклучиво вештината, стратегијата и храброста на патеката. Токму затоа, Clio Cup важи за една од најконкурентните и најценети серии во Тouring категоријата во Европа.
Викендот започнува во Петок (24.04) со два слободни тренинзи, каде ќе се поставуваат темелите за добар настап. Во Сабота (25.04) следува првата трка со старт во 13:50 часот, додека финалната трка е закажана за Недела (26.04) со почеток во 12:00 часот.
Со силна поддршка од АКК Рено Спорт и Аутомотив Груп кои долго наназад стојат зад бројни спортски подвизи и успеси на национално и интернационално ниво, како и останатите спонзори и со досегашното искуство, очекувањата се за борбен настап и високи резултати. Да ја однесеме Македонија на подиум!
Фотографии: De Mattia Marc / DPPI











