ВОЗЕВМЕ: Во Лајпциг го возевме освежениот Porsche Cayenne S – сега е уште помоќен, полуксузен и повторно има V8! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Во Лајпциг го возевме освежениот Porsche Cayenne S – сега е уште помоќен, полуксузен и повторно има V8!

На покана на Порше Македонија отидовме во Лајпциг да го возиме неодамна освежениот Porsche Cayenne. Новиот SUV на Porsche сега е помоќен и полуксузен, а Cayenne S повторно добива моќен V8!

Пред да зборуваме за новиот Cayenne, ајде да го ставиме во вистинскиот контекст. Најновата, трета генерација на Cayenne се појави во 2017 (и ние ја возевме на интернационалната презентација на Крит) и го продолжи успехот на минатите модели. Всушност, од своето лансирање во 2002, Cayenne е продаден во повеќе од 1.25 милиони примероци, а само минатата година од 300.000 продадени возила ширум светот – 95.000 се примероци од големиот луксузен SUV.

Што сакаме да кажеме со сето ова? Па, Cayenne е особено важен модел за Porsche и токму поради тоа германскиот производител нема простор за грешки. Би додале дека слично како и со 911, и со Cayenne, Porsche работи на континуирано усовршување на автомобилот.

Океј, кога го знаеме сето тоа, можеме да зборуваме новиот Cayenne. Зошто се охрабруваме да кажеме новиот, а не само освежениот Cayenne? Затоа што иако на прв поглед измените се прилично дискретни, сепак има доволно технолошки подобрувања „под кожата“ за новиот Cayenne да го заслужува епитетот нов.

Cayenne S има уште подинамичен, поатлетски став

Ајде прво за дизајнот. Веќе при првиот поглед се забележуваат редизајнираните предни светла кои имаат целосно нова форма и вклучуваат 32.000 индивидуални LED Pixel елементи кои овозможуваат прецизно насочување и оформување на снопот на светлина. Дизајнот на предните светла на Cayenne е најава за дизајнерската насока за идните модели на Porsche кои имаат по четири или пет врати.

Понатаму, Cayenne добива и редизајниран преден браник со поголеми отвори за воздух, редизајниран поклопец на моторот и нови пошироки предни крила.

Профилот е воглавно неизменет, но тука ќе напоменеме дека се достапни нови бои и нови дизајни за тркалата со димензии од 20 до 22 инчи. Темелна преработка добива и задниот дел. Едноделниот светлосен елемент кој е дом за задните светла сега е уште поистканат а регистерската табличка и кај Cayenne и кај Cayenne Coupe сега е подолу, сместена во задниот браник.

Сето ова му дава на големиот SUV на Porsche уште поагресивен и поатлетски став, особено кога е во Sport+ режим на работа и многу, многу блиску до подлогата.

Porsche нуди сосем ново возачко искуство во новиот Cayenne

Ја отвораме вратата и нè пречекува темелно-редизајнирана кабина за која од Porsche кажуваат дека воведува сосем нова димензија на возачкото исксутво во Cayenne. Вниманието веднаѓ оди кон целосно-дигиталниот екран поставен пред возачот кој за прв пат се нуди кај Cayenne.

Закривениот дигитален панел е со дијагонала од 12.6 инчи и нуди неколку различни режими на приказ. Дополнително, Cayenne добива и нов 12.3-инчен централен мултимедијален дисплеј како дел од Porsche Communication Management системот. Овој систем нуди целосна интеграција со Android Auto и Apple CarPlay, како и целосна поврзаност со Apple Music или Spotify. Истовремено, преку овој екран се контролираат повеќето главни функции во автомобилот, но за среќа Porsche одлучи да ги задржи физичките контроли за клима-уредот.

За прв пат Cayenne добива и нов, 10.9-инчен екран наменет за совозачот. Задачата на овој дисплеј е од една страна да му понуди повеќе информации на совозачот, но истовремено да му овозможи да го контролира инфозабавниот систем или да му дозволи на совозачот да гледа видео-материјали. Секако, екранот е покриен со специјална заштита за да не биде видлив за возачот и да не му го одвлекува вниманието во возење.

Инаку, контролерот од менувачот е поставен зад управувачот – како кај Taycan – и со тоа се ослободува повеќе простор на централниот гребен меѓу возачот и совозачот. Таму се поставени големите, физички контроли за клима уредот (кои значително го олеснуваат користењето), како и дополнителни места за одлагање дребулии. Не ни се допаѓа што централниот гребен е покриен во пијано-црна пластика, па се забележуваат отпечатоци од прсти и ситна прашина.

Промена која не ни се допаѓа баш? Па, за жал веќе го нема оној карактеристичниот „клуч“ со кој се стартуваат моделите на Porsche, туку Cayenne сега има конвенционално старт-копче на неговото место. Според она кое ни го кажаа од Porsche, ова било по барање на купувачите – но нам сепак ќе ни недостасува „клучот“.

Моќен 4-литарски твин-турбо V8 со 474 коњски сили!

Еден од најважните новитети кај новиот Cayenne е враќањето на големиот, моќен V8 во Cayenne S. Досега Cayenne S се нудеше со 2.9-литарски твин-турбо V6 кој испорачуваше (не баш незначителни) 440 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Сега, Cayenne S има 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 474 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Благодарение на сето ова, Cayenne S забрзува до 100 километри на час за само 4.7 секунди и достигнува максимални 273 километри на час.

Дополнително, инженерите на Porsche посветиле внимание и на суспензијата на новиот Cayenne. Стандардно доаѓа со челични пружини и адаптивни амортизери со Porsche Active Suspension Management систем, но уште поинтересна е новата воздушна суспензија која има две комори и два вентили по амортизер – што пак дозволува брзо прилагодување кон условите на патот и позабележливи разлики меѓу режимите на возење.

Незапирлив кога ќе снема асфалт, неуморен на тркачката патека, ненадминат на пат

Како го забележавме сето тоа? Огромниот Porsche Experience Center во Лајпциг вклучува специјален дел за теренско возење и брза тркачка патека – кои имавме можност одблиску да ги запознаеме токму со новиот Cayenne.

Да, знаеме дека ниту еден сопственик нема да го подложи својот Cayenne на такви екстремни теренски услови, но добро е да се знае дека може да ги надмине. Го ставаме Cayenne во Off-Road режим и го одбираме профилот Rocks – па Cayenne е одвоен од подлогата за дополнителни 25 сантиметри. Но истовремено, одзивот на педалата за гас е помек и редуциран и серво-управувањето станува уште полесно.

Off-road полигонот на Porsche центарот е изграден врз поранешен армиски полигон и имавме можност да го возиме Cayenne S преку макадам и камени блокови, па потоа низ длабок песок и преку високи нагорнини и стрмни надолнини. Импресивна е способноста на Cayenne да помине преку странични навалувања под агол од 35 степени и притоа да Ви овозможи да го видите светот од агол на кој едноставно не сте навикнати.

Од теренскиот полигон се префрламе на тркачката патека. Да, ова е SUV кој се снаоѓа и на тркачка патека. На селекторот на управувачот префрламе во Sport+ режим и Cayenne се подготвува за сосем поинакво возење. Реакциајта на педалата за гас е инстантна, целиот автомобил е скоро допрен до асфалтот, а управувањето станува значително подиректно и попрецизно.

Ја притискаме педалата за гас и Cayenne S самоуверено и неуморно забрзува нанапред и истовремено успева од свиок во свиок лесно да ја пренесе не-баш-незначителната маса од над два тони. Подеднакво импресивни се и сопирачките кои успеваат да го успорат и да го запрат големиот SUV без никакво губење на перформансите дури по неколку кругови на патеката.

Да, во ред – ова е голем SUV и неговата маса се забележува од свиок во свиок – но подготвеноста на Cayenne S да катапултира нанапред на правците, да танцува од свиок во свиок како што еден SUV најверојатно не би смеел да прави, и да сопира со доволно моќ да почувствувате како кожата ви се одлепува од лицето, зборува многу за инженерската експертиза на Porsche и технолошката надмоќ на германскиот SUV.

Конечно, по сето ова излегуваме на нормални, германски патишта. Се движиме низ Лајпциг, па низ тивки мали населени места и селца. Тука доаѓа до израз луксузот на Cayenne – кабината е прекрасно место да се поминуваат време и километри, седиштата се супериорно комфорни и ентериерот на Cayenne (во Normal режим) е беспрекорно тивок и рафиниран.

Од друга страна, префрлете во Sport (или Sport+) и Cayenne S го менува карактерот и ги покорува свиоците, а кога на германскиот Аутобан го видовме оној знакот за престанување на ограничувањето на максималната брзина со задоволство ги „протегнавме нозете“ до брзини на кои македонските момци во сино со задоволство би ни ја одземале возачката дозвола на година-две.

Несомнено, Porsche и понатаму ги поставува правилата.

На крајот на денот, се враќаме во Porsche центарот во Лајпциг и полека-полека ги средуваме впечатоците. И веднаш, веќе истиот ден заклучокот е јасен. Porsche своевремено ги постави и продолжува и понатаму да ги поставува правилата во сегментот. Да, Cayenne има многу конкуренти, но ниту еден од нив не успева да ја постигне онаа идеална рамнотежа меѓу луксуз, спортско педигре и вистински теренски способности.

И како што кажавме, токму бидејќи нема простор за грешки со освежувањето на големиот SUV, Porsche дополнително ја истакнува луксузната страна на Cayenne без притоа да направи ниту еден компромис во однос на другите елементи во оваа рамнотежа. Новиот Cayenne, навистина.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.