Peugeot го откри новиот Panoramic i-Cockpit – има 21-инчен екран и ќе дебитира кај новиот 3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot го откри новиот Panoramic i-Cockpit – има 21-инчен екран и ќе дебитира кај новиот 3008!

Најновата еволуција на иновативниот кокпит на Peugeot се вика Panoramic i-Cockpit и официјално ќе дебитира во Септември со новиот 3008 – првиот модел изграден врз STLA Medium платформата на Stellantis.

Ајде веднаш да зборуваме за најважното – новиот Panoramic i-Cockpit е изграден околу 21-инчен лебдечки закривен панел поставен над централната конзола. Важно е да се напомене дека ова не се два засебни дисплеи, туку еден 21-инчен дисплеј со многу можности за прилагодување на приказот.

Всушност, Panoramic i-Cockpit комбинира два засебни „екрани“ во закривениот дисплеј и според Peugeot токму оваа конфигурација овозможува кабината да добие 21-инчен панел со висока резолуција кој го комбинира панелот со инструменти и споредните функционалности. Целиот панел е насочен кон возачот и се прикажуваат важните информации кои се потребни при патување – брзината, системите за асистенција, движењето на енергијата, итн. Од другата страна – онаа на средишниот дел – се прикажуваат клима-уредот, навигацијата, мултимедијалните соддржини, итн.

Под овој панел е поставен i-Toggles екранот кој ги заменува физичките кратенки – и овој екран не само што ќе можете да го користите за брз пристап до најкористените функционалности, туку и да го персонализирате во согласност со вашите преференци. Нов е и управувачот кој и понатаму е компактен, но сега добива уште помодерен дизајн со намалено централно перниче и копчиња кои ќе го препознаат допирот на возачот, но ќе реагираат само кога ќе бидат притиснати со цел да се избегнат несакани команди.

Интересно е што со претставувањето на Panoramic i-Cockpit, Peugeot го откри и ентериерот на новиот 3008 и веднаш забележуваме дека е интересна и современа еволуција на кабината на тековниот модел. Забележуваме интересни материјали, текстури и бои, како и уште еден чекор кон дополнително симплифицирање на командите – на пример, контролите за преносот сега се горе на конзолата, до копчето за стартување – ова овозможува централниот гребен да е поедноставен и почист. Ни се допаѓа и дека нема премногу сјајни црни пластики, туку дизајнерите на Peugeot одлучиле површини да ги покријат со привлечни, премиум текстурирани материјали.

Секакио, повеќе информации ќе имаме кога и официјално ќе дебитира новиот 3008.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.