Новиот EX30 е интересен нов модел од Volvo – од една страна, новиот SUV е најмалиот и најевтиниот електричен SUV на брендот, но истовремено е и автомобилот со најбрзо забрзување до 100 километри на час во историјата на шведскиот бренд.
Најмоќниот модел во понудата е новиот EX30 Twin Motor Performance кој комбинира два електромотори за да располага со вкупно 422 коњски сили и 543 Nm вртежен момент – кои пак му овозможуваат да забрза до 100 километри на час за само 3.6 секунди. Според WLTP мерењата, оваа верзија може да помине до 460 километри со едно полнење на батериите.
Секако, тука се и „понормалните“ изведби на EX30 – „основниот“ модел користи само еден електромотор кој испорачува 272 коњски сили и 343 Nm вртежен момент. Оваа верзија забзува до 100 километри на час за исто така одлични 5.7 секунди и користи нова Lithium-Ion Phosphate батерија со капацитет од 54 kWh.
Оваа везија може да помине 344 километри според WLTP. Скалило погоре е Single Motor Extended Range кој добива поголема батерија со капацитет од 69 kWh, која пак овозможува и подобри перформанси и подобра автономија. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 5.1 секунда и поминува максимални 480 километри со полни батерии.
Дизајнерскиот јазик е базиран на пристапот кој веќе го видовме кај електричниот (и значително поголем) EX90, со дигитална изведба на чеканот на Тор во предните светла. Формата е водена од аеродинамиката и ефикасноста – па површините се чисти, без непотребни детали и елементи. Всушност, би рекле дека електрификацијата совршено му прилега на Volvo – шведскиот бренд секогаш тежнеел кон минимализнот, а електричниот погон го дозволува токму тоа.
Ист е пристапот и во кабината – и тука Volvo тежнее кон минимализам, но сето тоа го комбинира со врвни технологии. На централната конзола е поставен огромен 12.3-инчен инфозабавен систем, а врз конзолата е долг звучник. Пред возачот нема конвенционални инструменти, туку мал дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации.
Инженерите на Volvo соработувале со технолошки гиганти како Google, Apple и Qualcomm на развојот на технологиите, за да испорачаат што е можно подобро корисничко искуство. Според она кое го кажуваат, заедно со ECARX и HaleyTek ќе се обидат да го испорачаат „најдобрата можна инфозабавна платформа“. Меѓу другото, купувачите ќе добијат и можност за дигитален клуч со поддршка за многу различни паметни телефони, интегриран софтвер за поврзување со мобилен телефон и многу, многу повеќе.