ТЕСТ: JEEP Compass 1.5 E-Hybrid DCT7 FWD S – Темелно освежување, многу подобрувања! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: JEEP Compass 1.5 E-Hybrid DCT7 FWD S – Темелно освежување, многу подобрувања!

Визуелните измени на новиот Compass се дискретни, но технолошките надградби и новиот ефикасен хибриден погон ветуваат навистина многу. Што може да понуди освежениот Jeep Compass?

Jeep Compass веќе станува редовен на нашите страници – сосем заслужено, би рекле. Купувачите едноставно го сакаат легендарниот американски бренд, ги сакаат неговите модели и теренските способности кои се неизбежен дел од пакетот. Со Jeep Compass прв пат се запознавме пред неколку години кога го возевме во дизелска варијанта, па потоа го возевме и во плаг-ин хибридна изведба. Денес сме тука да зборуваме за освежениот Compass и за сите новитети кои ги носи со себе.

Како вовед во освежениот Compass, мораме да препознаеме дека Jeep се трансформира, созрева и се прилагодува на пазарот. Всушност – целата гама на Jeep во Европа е електрифицирана, а некои модели се нудат исклучиво со плаг-ин хибриден погон. Jeep ги најави своите амбиции да биде првиот целосно-електрифициран теренски бренд во Европа и успеа во тоа.

Во S конфигурација, Compass изгледа достоинствено и скапоцено.

Со неодамнешното освежување на Compass, Jeep го затегна својот бест-селер и одговори на барањата на купувачите. Визуелните измени се ненаметливи, но сепак забележливи. Сите изведби на Compass добиваат редизајнирани предни и задни браници, Full-LED предни светлосни елементи, редизанирани задни светла со нова, подлабока графика и уште неколку други ситни детали. Нашиот тестен модел дојде во врвно-опремената, луксузна S изведба, за која Jeep кажува дека ги истакнува софистицираноста и комфорот.

И навистина, во S изведба Compass изгледа достоинствено и скапоцено. Заштитните пластики околу целиот автомобил се во боја на каросеријата, а добива и големи тркала и кров во црна боја. Контрастната црно-бела комбинација на нашиот тестен модел правеше нашиот Compass да ни наликува малку на Stormtrooper од Star Wars, особено гледан однапред. Тешко е да се добие поголема пофалба, ако сме искрени.

Плус, ни се допаѓаат и деталите – како на пример кровните носачи во црна боја, како и страничните ретровизори во црна боја. Црни се и значките – освен E-Torque значката на задниот дел која е во „дреч“ зелена боја и веднаш нагласува за каков SUV се работи.

Вистинските вредности на Compass S се препознаваат во кабината.

Вистинските вредности на Compass S се препознаваат во ентериерот. Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина каде многу внимание е посветено на технологиите, но и на материјалите и завршната обработка.

Поврзано:  Jeep го најавува новиот Compass

Прво во очи ни паѓаат комфорните кожни седишта. Се сместуваме и пред нас е новиот управувач на Compass, а веднаш зад него е новиот дигитален инструмент-кластер. Конзолата пред возачот и совозачот е исто така обвиена во кожа и ширум целата конзола се протега алуминиумски декоративен елемент.

На средината е поставен целосно-новиот дигитален дисплеј (кој има безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување) додека под него физичките контроли за клима уредот. Сè е лесно за користење и манипулирање – и остануваме на ставот дека ваквите решенија се секогаш подобри и полесни за користење од оние системи каде сè е во мултимедијалниот уред.

Прегледноста е одлична и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Се седи прилично високо, како што му прилега на еден SUV, без притоа да имате чувство дека седите врз автомобилот наместо во него. Сите команди се на дофат и лесно и брзо се навикнавме на кабината на Compass.

Кога сме веќе тука – квалитетот на материјалите во кабината е најмалку едно скалило погоре во однос на моделот пред освежувањето, а се препознава и дополнителното внимание кое е посветено на најситните детали. Управувачот и седиштата се обвиени во кожа, а декоративните шевови околу кабината и на седиштата се прецизни и прави.

И секако – кога станува збор за просторната понуда, ова е истиот оној Compass кој веќе добро го познаваме. Околу возачот и совозачот има многу места за одлагање дребулии, а просторната понуда на задната клупа е како во SUV кој е барем една класа поголем, а патниците на задната клупа добиваат и USB-A и USB-C приклучоци.

Багажникот е со капацитет од 424 литри, односно 1270 литри со преклопени задни седишта. Некои од конкурентите нудат и поголем багажен простор, но Compass може да се пофали со голема петта врата која нуди лесен пристап до багажникот. Отворањето на петтата врата е на копче, секако – исто како и затворањето, но копчето за затворање е на левата страна во багажниот простор и „на прва“ можеби и нема да го забележите.

Поврзано:  Jeep го најавува новиот Compass

Супер-ефикасен лајт-хибриден погон

Е сега можеме да зборуваме за погонот на новиот Compass E-Hybrid. Ова е всушност истиот лајт-хибриден погон кој се вградува и во луксузниот Alfa Romeo Tonale – а тоа значи дека комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец со стартер-генератор и сето тоа се испорачува кон предните тркала преку 7-брзински DCT менувач со двојна спојка.

Бензинецот испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 240 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Дополнителна (но не споредна) улога игра 48-волтниот лајт-хибриден систем кој преку интегриран стартер-генератор испорачува дополнителни 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент.

Перформансите се сосем респектабилни. 100 километри на час пристигнуваат за рамно 10 секунди, додека максималната брзина е 193 километри на час. Ќе забележиме дека погонот не работи баш најмазно во сите ситуации – има моменти кога како да се колеба и размислува што да направи, од каде да повлече енергија и каде да ја испорача. Но откако ќе поминете малку време со Compass E-Hybrid и ќе ги прифатите овие негови „карактерни специфичности“ – тогаш ќе ги видите вистинските придобивки од овој систем.

Убавината на системот на Jeep е во фактот дека е понапреден од лајт-хибридните решенија на конкурентите и овозможува движење на струја при пониски брзини. Системот ентузијастички сака да вози на струја и ја искористува секоја можност да го направи токму тоа – и токму поради тоа успева да биде навистина ефикасен, особено во оние услови кога турбо-бензинецот би трошел повеќе гориво – при забрзување, споро маневрирање или пак во „тргни-застани“ ситуации – тука Compass се движи на струја. Слично на ова – дури и при повисоки брзини при „едрење“ Compass знае да го исклучи бензинецот и да вози на струја.

А сето тоа го прави да биде исклучително ефикасен. За време на неколкудневното тестирање, градската потрошувачка едвај надмина 7 литри на 100 изминати километри. Спектакуларно, ако се земе предвид големината на Compass.

Поврзано:  Jeep го најавува новиот Compass

Compass е неутрален и комфорен, а теренските креденцијали си доаѓаат со името на брендот.

И конечно, малку за тоа каков е новиот Compass зад управувачот. Накратко – ист како и „стариот“ Compass. Управувањето е директно и сосем доволно прецизно, а суспензијата успешно го контролира навалувањето во свиоци. Кога сме кај суспензијата – Compass е комфорен и покрај големите 19-инчни тркала и во ниту еден момент не забележавме пренесување на несакани вибрации во кабината.

Compass се однесува неутрално и без посебен приговор ја менува насоката на движење. Всушност, тој успева да влее доверба во неговите способности, без разлика дали возите по асфалт или по терен. Да, дури и само со погон на предните тркала Compass успева без никаков проблем да ги совлада теренските предизвици кои во реалниот свет би ги пресретнал – а сето тоа го прави да биде навистина корисен во секакви ситуации.

Всушност, Compass повторно нè импресионира. Подобрувањата кои Jeep ги подготви за освежувањето на Compass прават овој SUV и понатаму да биде привлечен, технолошки-издржан и комфорен. Возењето е комфорно, теренските креденцијали си доаѓаат со брендот, а новите технологии се меѓу најдобрите во класата. Кога на сето тоа ќе се додаде и исклучително ефикасниот погон – Jeep Compass може навистина многу да понуди!

Спецификации

Модел: JEEP Compass 1.5 E-Hybrid DCT7 FWD S
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, MHEV
Моќност: 130 коњски сили / 5550 вртежи во минута
Вртежен Момент: 240 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10 секунди
Максимална Брзина: 193 километри на час
Должина: 4404 mm
Ширина: 2033 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1629 mm
Тежина: 1500 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2636 mm
Багажен Простор: 424 – 1270 литри
Потрошувачка: 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: JEEP Compass 1.5 E-Hybrid DCT7 FWD S – 47.500 Евра
Повеќе Информации: Jeep.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.