Alpine A290_β е електричниот хот хеч на иднината! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Alpine A290_β е електричниот хот хеч на иднината!

Со електричниот A290_β, францускиот бренд ја најавува иднината на брзите мали електрични автомобили – и иднината изгледа спектакуларно.

Прво и основно – A290_β се чита „А-Двесте-Деведесет-Бета“. А290 го означува името – A за брендот, 2 го означува Б-сегментот а 90 ја најавува идната Lifestyle гама на Alpine. Грчката буква Бета најавува дека ова е бета верзија, односно верзија во развој пред официјалното пристигнување на пазарот следната година.

Добро, но што е всушност ова? Концепт базиран на R5 Turbo 3E концептот од минатата година, како и Renault 5 прототипот кој веќе го видовме, но еден чекор поблиску до сериско производство. Според изјавите на главниот дизајнер Raphael Linari за колегите од Top Gear, дизајнот на екстериерот на концептот е „85% идентичен со финалниот продукт“, но ентериерот сигурно ќе биде различен и финалниот автомобил сигурно нема да има централна возачка позиција.

Да, централна возачка позиција – исто како во McLaren F1. За жал, таа ќе остане само кај концептот, но мораме да признаеме дека изгледа навистина фраерски.

Сега за сега нема никакви официјални информации околу погонот, но можеме да претпоставиме дека како основа ќе се користи погонот од електричниот Renault 5 кој користи батериски модул со капацитет од 52 kWh и ќе се нуди со електромотори со моќност од 108 или 132 коњски сили. Секако, верзијата на Alpine ќе биде значително помоќна и главниот инженер Robert Bonetto изјави за Autocar дека А290 најверојатно ќе има „основен“ мотор со 215 коњски сили и дека понатаму би добил награден електромотор со 270 коњски сили.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.