ПРЕМИЕРА: Porsche 718 Spyder RS – 9000 вртежи и 500 коњски сили под отворено небо! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche 718 Spyder RS – 9000 вртежи и 500 коњски сили под отворено небо!

Врвниот Boxster добива врескачки 4-литарски боксер кој врти до 9000 вртежи во минута и испорачува 500 коњски сили и 450 Nm вртежен момент!

За оние за кои Cayman GT4 RS не е доволно обезкровен, тука е новиот 718 Spider RS – моделот за кој од Porsche кажуваат дека го крунисува семејството на модели со средно-поставен погон. Исто како Cayman GT4 RS, новиот 718 Spyder RS добива атмосферски 4-литарски боксер со шест цилиндри кој „врти“ до 9000 вртежи во минута и испорачува 500 коњски сили и 450 Nm вртежен момент – и бидејќи моторот е поставен веднаш позади главата на возачот, звукот мора да е спектакуларен!

Задолжен за пренос на моќта од моторот кон задните тркала е 7-брзински PDK автоматски менувач со двојна спојка и блиску-поставени брзини. Сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 3.4 секунди, како и максимална брзина од импресивни 308 километри на час.

Стабилноста ја гарантираат предниот дел преземен од Cayman GT4 RS (со изменет преден подбраник) и уникатниот заден „ducktail“ спојлер. Оние кои ќе го штиклираат и Weissach пакетот при нарачување ќе добијат и титаниумски издувен систем, дополнително карбонски детали и уште неколку други ситници.

Но и без да го нарачате Weissach пакетот, ќе добиете врвен инженеринг од Porsche. Што значи тоа? Па, на пример – инженерите посветиле многу, многу внимание за да се задржи ниската тежина и механизмот за кровот е цели 16.3 килограми полесен од механизмот кај регуларниот 718 Boxster.

Суспензијата на Spyder RS е нијанса помека од онаа кај Cayman GT4 RS – бидејќи сепак се работи за кабриолет. Но и покрај тоа, ќе добиете Porsche Active Suspension Managemент со спортски амортизери кои го приближуваат Spyder RS до подлогата за дополнителни 30 милиметри. Ќе добиете и механички диференцијал со ограничено пролизгување. Ако сакате нешто поагресивно – како што рековме, тука е Weissach пакетот.

Подобро крунисување од она на Кралот Чарлс Трети, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.