full screen background image
Search

ТЕСТ: Jeep Compass 4xe PHEV 190 Limited – Ново поглавје за Jeep!

Со плаг-ин хибридниот Compass 4xe, американскиот бренд отвора ново поглавје на европскиот пазар и нуди решение кое едноставно – има логика!

Времињата се менуваат, а производителите одговараат на новите предизвици. Со оглед на забрзаната електрификација и сè поголемото внимание кое го добиваат плаг-ин хибридните и електричните автомобили, воопшто не нè изненадува сè поголемото присуство на ваквите возила на нашите страници.

Денес ќе зборуваме токму за таков автомобил. Односно, ќе зборуваме за автомобилот со кој Jeep отвора ново поглавје на европскиот континент и нуди возило кое е подготвено да одговори на навистина многу прашања.

Зошто ново поглавје? Досега, Jeep во Европа нудеше возила со конвенционални мотори со внатрешно согорување, но со неодамнешното претставување на плаг-ин хибридните изведби на Renegade, Compass и легендарниот Wrangler, американскиот бренд сака да се наметне како најеколошки бренд меѓу теренските големци. Соодветно на тоа, сите плаг-ин хибридни модели на Jeep ќе ја носат (и ќе бидат препознатливи по) ознаката 4xe.

Денес ќе зборуваме за Compass. Jeep Compass веќе ни е добро-познат – за прв пат го возевме минатата година и тогаш беше опремен со 2-литарски турбодизел. Уште тогаш имавме можност да се увериме во практичноста и способноста на Compass – неговата големина и просторна понуда се „златна средина“ во понудата на Jeep а неговите теренски способности се непобедливи во сегментот – сепак, историјата на Jeep значи нешто, нели?

Модерен и логичен Plug-In хибриден погон

Она за кое најмногу ќе зборуваме денес е новиот 4xe плаг-ин хибриден погон кој Jeep го нуди кај Compass (и наскоро кај Renegade). Погонот комбинира нов, 1.3-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри кој испорачува 130 коњски сили и 270 Nm вртежен момент, со електромотор кој испорачува дополнителни 60 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Електромоторот е „хранет“ од батерија со капацитет од 11.4 kWh, а вкупната, системска моќност е 190 коњски сили. Jeep нуди уште една, помоќна изведба од овој погон која нуди системски 240 коњски сили.

Поврзано:   Jeep најавува нешто интересно за SEMA

Бензинскиот мотор преку 6-брзински автоматски менувач ја пренесува силата кон предните тркала, а на предната оска е поставен и напреден стартер-генератор кој може или да соработува со бензинскиот мотор, или пак да функционира како моќен генератор и во Battery Charge режимот да ја наполни батеријата до 80%. Електромоторот кој е поставен на задната оска ги испорачува оние 60 коњски сили и 250 Nm вртежен момент и всушност го овозможува погонот на сите четири тркала.

За оние кои сакаат мирна глава – Jeep за батериите нуди гаранција од 8 години, односно 160.000 километри.

До 50 километри „на струја“ и 2 литри бензин на 100 километри.

Според официјалните податоци, со полна батерија Compass 4xe може да помине околу 50 километри на електрична енергија, а потрошувачката на бензин е ситно над 2 литри на 100 изминати километри. Со полни батерии ние измеривме слични бројки – со „до горе“ наполнета батерија поминавме околу 43 километри, а градската потрошувачка се движеше во рамките на 2.3 до 2.5 литри бензин на 100 изминати километри. Кога „со сила“ ја испразнивме батеријата (односно индикаторот покажуваше 1% наполнетост) и кога Compass 4xе беше придвижуван примарно од 1.3-литарскиот турбо-бензинец, борд-компјутерот покажа потрошувачка од околу 4.6 литри на 100 километри.

Како е ова можно? Во овие ситуации, Compass 4xe функционира како самополнечки хибрид – цело време ја дополнува, односно ја празни батеријата при сопирање, забрзување и слично – а со тоа успева значително да ја намали потрошувачката.

Ниту перформансите не се за потценување – 100 километри на час се постигнуваат за 7.9 секунди, додека максималната брзина е 183 километри на час. Доколку возите на електрична енергија, максималната брзина е одлични 130 километри на час.

Сè на сè – погонот е импресивен. Ни се допаѓа и одлуката да се вгради нормален автоматски менувач наместо „врескачки“ CVT – возењето е многу поприродно, односно нема никаква разлика од секојдневното возење на кое сме навикнати. Одвреме-навреме (особено при супер-споро тргнување) се чувствува активирањето на бензинскиот мотор, но она што е најважно е дека Compass 4xe е лесен за користење.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Концептот стана реалност - Jeep Wrangler V8 со 470 коњски сили!

Погонот како да одбива да го активира бензинецот – и токму така постигнува исклучителни резултати!

Она кое го забележавме е дека Compass 4xe „упорно одбива“ да го активира бензинскиот мотор во градски услови – и тоа е логично. Така не трошиме бензин и не загадуваме. Автономијата на електрична енергија од околу 45 километри е повеќе од доволна за секојдневните потреби и ако секоја вечер ги полните батериите најверојатно ќе возите без никаква потрошувачка на бензин.

Во домашни услови ќе ги наполните батериите за околу три часа, а на брз полнач за околу 45 минути. Како што напоменавме, Compass 4xe може да постигне максимални 130 километри на час на електрична енергија, а достапни се две нивоа на рекуперација, односно полнење на батериите во возење.

Инаку, сè друго што важеше за обичниот, важи и за плаг-ин хибридниот Compass. Кабината е просторна и лесна за користење, командите се јасни и онаму каде очекувате да бидат, има доволно простор на задната клупа, а не е направен компромис во однос на багажниот простор – и понатаму се достапни меѓу 420 и 1230 литри во багажникот.

Зад управувачот е комфорно и прегледно, а и покрај зголемената тежина (поради батериите и електромоторите), Compass воопшто не се чувствува како да е тежок. Суспензијата е насочена кон комфорот па ефикасно ги израмнува нерамнините од нашите улици, а управувањето е доволно директно и прецизно за да имате доверба во Compass и кога ќе налетате на свиоци.

Нема проблем ниту off-road…

А какви се перформансите кога ќе го напуштите асфалтот? Напредниот, интелигентен погон на сите четири тркала ги овозможува истите перформанси како и конвенционалните модели, а Compass 4xe ги има истите теренски способности – односно одлични агли на пристапување, заминување и прекршување, 201 милиметар оддалеченост од подлогата и можност за возење низ вода длабока 406 милиметри.

… а има и многу, многу опрема!

Секако, плаг-ин хибридниот Compass 4xe Limited доаѓа и со многу, многу опрема – ќе ги истакнеме комфорните седишта делумно обвиени во кожа, одличниот мултимедијален уред со навигација, посебни дисплеи за хибридниот погон и можност за безжично поврзување, LED задни светла, електрична рачна кочница, кровните носачи, двозонски клима-уред, управувач и рачка од менувачот обложени со кожа… Има, има..

Поврзано:   Новите Jeep Compass и Renegade се достапни по специјални цени

На самиот крај вреди да напоменеме дека бидејќи Compass 4xe е одличен градски и семеен автомобил, ги има сите системи за активна и пасивна безбедност. На EuroNCAP тестирањата освои максимални пет ѕвездички.

Хибридното поглавје на Jeep е веќе навистина интересно.

Каков е заклучокот за Compass 4xe? Ако се прашуваме ние, ова е логичниот избор за еден ваков SUV – моќен, забавен, економичен и ефикасен. Секако, за да се извлечат вистинските придобивки од возењето на плаг-ин хибриден автомобил потребно е да се направат одредени промени во начинот на кој го користиме автомобилот – но да бидеме искрени, кој може да остане рамнодушен на никаква (или екстремно ниска) потрошувачка на гориво?

Compass 4xe е одлична прва страница во новото поглавје на Jeep, и по она кое и самите го видовме – новото поглавје е веќе навистина интересно!

Спецификации

Модел: Jeep Compass 1.3 4xe PHEV 190 Limited
Мотор: 1.3-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 5550 вртежи во минута
Вртежен Момент: 270 Nm / 1850 вртежи во минута
Системска Моќност: 190 коњски сили
Менувач: Автоматски, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.9 секунди
Максимална Брзина: 183 километри на час (130 км/ч на електрична енергија)
Должина: 4394 mm
Ширина: 2033 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1644 mm
Тежина: 1835 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2636 mm
Багажен Простор: 420 – 1230 литри
Потрошувачка: 2.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jeep Compass 1.3 T4 130 Ks MT FWD – 20.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Jeep Compass 1.3 4xe PHEV 190 Limited – 41.100 Евра
Повеќе Информации: Jeep.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.