ТЕСТ: Jeep Compass 1.2 e-Hybrid AT Altitude – Поинаков, но и понатаму Jeep! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jeep Compass 1.2 e-Hybrid AT Altitude – Поинаков, но и понатаму Jeep!

Новиот Compass треба да продолжи онаму каде минатиот застана – треба истовремено да биде сè што еден Jeep треба да биде, но истовремено да ја отвори новата ера на легендарниот американски бренд.

Од неговото деби во (сега веќе навистина далечната) 2006-та година, Compass е продаден во повеќе од 2.5 милиони примероци ширум светот. Кога минатата година Jeep го претстави новиот Compass, беше најавено дека новиот SUV ќе биде „клучен двигател на растот на Jeep“. А тоа кажува многу – кажува дека Jeep ја препознава важноста на Compass и дека токму преку Compass (и неговите современи, ефикасни погонски опции и новите технологии) ќе ја зајакне понудата во Европа, но и ширум светот.

Ако тоа не се големи очекувања, тогаш…

Робустен, самоуверен екстериер

Првиот контакт – како и секогаш – е со екстериерот. Новиот Compass целосно ја напушта дизајнерската насока на минатата генерација и настапува многу посамоуверено. И всушност, тоа го објаснуваат зборовите на Ralph Gilles кој ја носи титулата Chief Design Offier во Stellantis – „задачата беше да го направиме Compass поробустен и храбар, но истовремено да му направиме и детокс“.

И тоа веднаш се препознава преку екстериерот. Доминираат чисти површини и јасни линии, без непотребни детали. На предниот дел вниманието го привлекува длабокиот браник и тенките хориознтални светла кои се споени со карактеристичната предна маска со седумте вертикални „столбови“.

Профилот е карактеристичен за SUV, но истовремено робустен. Профилната линија е чиста, но исфрлените крила му даваат на Compass мускулест став, а заштитните пластични панели кои всушност го опкружуваат целиот SUV ги нагласуваат неговите теренски гени. Плус, кровот во контрастна црна боја е одличен детал, а издолжениот заден спојлер визуелно ја издолжува каросеријата.

На задниот дел вниманието оди највеќе кон задните светла кои се споени во еден црн елемент, како и (повторно) нагласениот браник. Задните светла се комплексни, со несекојдневни графички елементи и уникатен, препознатлив светлосен потпис.

Сè на сè – ни се допаѓа дизајнот на новиот Compass. Од една страна, навистина не изгледа како конвенционален, здодевен SUV – повеќе изгледа како робустен SUV со ниска кровна линија кој ќе се снајде поеднакво добро на асфалт, но и надвор од него. Плус, Hawaii Green зелената боја е.. *Chef’s kiss*

Комфорна, практична кабина со многу простор и многу нови технологии

Ја отвораме возачката врата и веднаш се препознава дека дизајнерите на кабината ги следеле истите насоки. Се сместуваме во големо комфорно седиште и веднаш забележуваме дека дизајнерите сакале кабината да биде комофорна и практична, но приземјена и рационална.

Првата работа која го привлекува вниманието е малку несекојдневно-обликуваниот управувач со интересно-дизајнирани физички контроли. Потоа го забележуваме дигиталниот дисплеј зад него, на кој се прикажуваат најважните информации околу возењето, додека на арматурната табла е поставен огромен широк дигитален дисплеј со инфозабавните функционалности, навигацијата и сè друго. Оперативниот генерално функционира брзо и подготвено одговара на сите команди, плус има многу можности за персонализација. Секако, доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Затегнат дизајн, надградена кабина и нов турбо-бензинец - Jeep подготви освежување за Avenger!

Веднаш под него се физичките кратенки и контроли за некои од најважните функционалности. На централниот гребен има длабоко место за одлагање дребулии, како и држачи за чаши, а на средината е големиот кружен селектор за преносот и црвениот прекинувач за Selec-Terrain системот на Jeep. Прекинувачот во црвена боја е контрастен и лесно-забележлив во ентериерот. Веднаш позади нив е безжичниот полнач за мобилен телефон, како и големиот простор за складирање поставен меѓу возачкото и совозачкото седиште.

Отворите во вратите се големи и во нив лесно собира сè што е ставите во нив. Пред совозачот (над касетата, под воздушното перниче) има уште еден длабок гумиран простор за ситници.

Инаку, во ентериерот е навистина просторно, а големиот панорамски стаклен кров дозволува многу светлина да влезе во кабината. На задните седишта комфорно ќе седат двајца (па и тројца) патници, а клупата е деллива па нема да биде проблем ниту пренесување и на подолги предмети.

А кога сме кај пренесувањето предмети, багажникот на Compass е со капацитет од одлични 550 литри. Преклопете ги задните седишта и добивате багажен простор со капацитет од околу 1600 литри, достапен преку голема, практична петта врата.

Првиот Jeep на STLA Medium платформата

Океј, а каков е Compass зад управувачот? Пред да зборуваме за тоа, треба да прво да нагласиме дека новиот Compass е поставен на STLA Medium платформата на Stellantis, која ја дели со уште неколку други SUV модели од истиот сегмент. Мулти-енергетската платформа овозможува во Compass да се вградуваат неколку различни погонски опции, а на нашиот пазар се достапни сите – од хибридниот (за кој зборуваме денес), преку плаг-ин хибридниот па сè до целосно-електричниот Compass.

Поврзано:  Пристигна новиот Jeep Compass!

Хибридниот Compass е придвижуван од 1.2-литарски турбо-бензинец кој соработува со мала батерија и мал електромотор вграден во DCT6 автоматскиот менувач. Овој систем овозможува Compass да се движи само на струја при ниски брзини и во урбан сообраќај, а со тоа значително да ја подобри ефикасноста.

Вкупната, системска моќност е 145 коњски сили и 230 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон предните тркала, а за време на неколкудневното возење забележавме просечна потрошувачка која лесно се спушти под 9 литри на 100 изминати километри. Перформансите се повеќе од прифатливи – 100 километри на час пристигнуваат за 10.3 секунди, додека максималната брзина е 188 километри на час.

На отворен пат потрошувачката се спушта и под 8 литри на 100 изминати километри, а во кабината е тивко и комфорно.

Добро, а на терен?

Но ова е Jeep – мора да зборуваме и за теренските способности! Да, силата се пренесува само кон предните тркала, но Compass не се „срами“ од теренски авантури. Оддалечен е од подлогата цели 20 сантиметри, може да помине низ вода длабока безмалку половина метар, а има агол на пристапување од 20 степени, агол на заминување од 26 степени и агол на прекршување од 15 степени.

Selec-Terrain системот овозможува интелигентно дозирање на моќта и вртежниот момент, но истовремено го рекалибрира и системот за контрола на тракцијата за да овозможи лесно совладување на теренски предизвици. Во ред, не може да оди секаде каде ќе отиде Wrangler – но за волја на вистината, малку се моделите кои можат. Compass сосем лесно ќе се справи со теренските предизвици кои се очекуваат од него.

Поврзано:  Пристигна новиот Jeep Compass!

Од друга страна, Compass одлично се снаоѓа и во град. Целата гама на камери и сензори ги прават возењето, маневрирањето и паркирањето лесни, а управувањето е предвидливо и прецизно. Суспензијата ги впива нерамнините од нашите улици без никаков проблем – што и не е изненадувачки, со оглед на леснотијата со која се справува со површини кога асфалт… Нема!

Дефиниција за SUV?

И имајќи го сето ова предвид, каков е нашиот заклучок за новиот Compass? Со новиот Compass, Jeep сега има сериозен кандидат во сегментот во кој конкуренцијата е многубројна и навистина силна. Вниманието кое дизајнерите и инженерите на Jeep го посветиле на деталите вредело – Compass сега е значително попрактичен и покомфорен семеен SUV, а притоа не е направен никаков компромис во однос на она што значи „Да Се Биде Jeep“.

Всушност, не е токму тоа дефиницијата за SUV?

Спецификации

Модел: Jeep Compass 1.2 MHEV AT Altitude
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, лајт хибрид
Моќност: 145 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.3 секунди
Максимална Брзина: 188 километри на час
Должина: 4552 mm
Ширина: 1928 mm
Висина: 1675 mm
Тежина: 1592 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2795 mm
Багажен Простор: 550 – ~1600 литри
Потрошувачка: 8.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jeep Compass 1.2 e-Hybrid – 34.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Jeep Compass 1.2 e-Hybrid AT Altitude – 46.660 Евра
Гаранција: 2 години / неограничен број на километри
Повеќе Информации: Jeep.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.