РЕПОРТАЖА: Зад сцената на Discover the Unknown снимањето со Porsche Taycan во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕПОРТАЖА: Зад сцената на Discover the Unknown снимањето со Porsche Taycan во Македонија!

Деновиве во нашата земја престојуваше тим кој работи на серијал документарни записи за патување низ Европа со електричниот Porsche Taycan – а ние имавме можност да бидеме дел од приказната, но и да го повозиме електричниот супер-автомобил!

Discover the Unknown е серија кратки документарни филмови кои ги подготвува германскиот бренд, со кои од една страна покажува дека може да се патува со електричниот Porsche Taycan, а од друга страна ги покажува убавините на секоја земја. Патувачкиот караван ќе посети повеќе од 25 различни земји, а деновиве беа и во Македонија.

Приказната започна со пречекување на тимот кој влезе од соседна Грција. Ние им посакавме добредојде на Ларс, Вториот Ларс, Себастиан и Андреас, а синиот Taycan веднаш ги привлече погледните на пограничните служби, но и на сите други минувачи. Од Гевгелија се упативме кон хотелот Модерна во Демир Капија – една од неколкуте локации во нашата земја со полначи за електрични возила кои се дел од Porsche Destination Charging мрежата. По краток ручек и „брзинско“ полнење на возилото, преку Градско, Прилеп и Битола се упативме кон Охрид, односно хотелот Unique, во кој повторно има полначи од Porsche Destination Charging мрежата. Исто како и мобилен телефон, го ставивме Taycan на полнач и се повлековме на заслужен одмор.

Првиот „работен“ ден започнува рано наутро. Целата опрема е веќе натоварена во следечките возила – еден Volkswagen California (кој истовремено функционира и како мобилна канцеларија) и еден Multivan Bulli. Се вклучуваме во конвојот и се упатуваме преку Ресен кон Крушево и Македониумот. Цело време додека патуваме, Taycan предизвикува интерес – неговата специфична сина боја е забележлива и јасно се издвојува од околината.

Прекрасните предели во и околу Крушево се одлична позадина за првиот сет видеа на нашите гости, но и можност ние самите да „направиме нешто наше“. Минувачи – како возрасни, така и деца – ни приоѓаат и нè прашуваат „А што е ова? Зошто е автомобилов тука? Овие Германци се? Аха, и на струја е? А брз е?“ – и ние со задоволство им одоговараме на прашањата. Да, се снима документарец, да, автомобилот е на струја, да многу е брз.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Го возевме новиот Porsche Taycan кој има... Колку коњски сили?!

Од Крушево одиме до Битола на кратка пауза, па од Битола преку Отешево и Националниот Парк Галичица одиме кон Охрид. Пејсажите на Галичица се спектакуларни – од погледот меѓу двете езера застанува здивот, а нашите гости го користат секој слободен момент да „уловат“ екстра кадар.

Ветрот и дождот не претставуваат проблем, бидејќи желбата и ентузијазмост да се направи што е можно подобар материјал и да се прикажат барем мал дел од убавините на нашата земја успеваат да надвладеат. Од едната страна се гледа Преспанското Езеро, од другата страна Охридското Езеро, а меѓу нив е моќниот Taycan!

Привршува денот, сонцето заоѓа, а привршуваме и ние. Од Галичица се спуштаме кон Охрид и по изминати околу 300 километри повторно пристигнуваме во нашиот хотел со околу 50 километри „во батериите“. Не е лошо.

Вториот работен ден повторно започнува рано наутро. Прво започнуваме со снимање во стариот дел на Охрид, околу добро-познатите знаменитости, но и на кејот во Охрид. Овој пат немаме премногу среќа со временските услови – дождот ќе не следи во текот на скоро целиот ден, но сепак го правиме максимумот.

Од Охрид преку Кичево се упатуваме кон Маврово, поточно кон Галичник. Таму нè пречекува ладен дожд и силен ветер – но „ни се посреќи“ па успеавме да уловиме околу еден час суво време за да направиме навистина спектакуларни материјали.

Гостите од Германија беа навистина импресионирани од пејсажот на Галичник, па го искористивме секој момент кој го имавме на располагање за да подготвиме материјали. Се појави и овчар кој го водеше своето стадо. Нè прашуваше зошто сме таму и што правиме, па дури и се согласи за кратка улога во документарецот – всушност, топлината на нашиот народ остави силен впечаток кај Германците.

Поврзано:  Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche?

Од Галичник се упатуваме кон Трница, а потоа кон Скопје. Поминавме околу 250 километри и во Скопје пристигнавме со околу 130 километри „во батериите“. Екипата ја сместивме во ТЦЦ Гранд Плаза во кој исто така има Porsche Destination Charging и се подготвивме за третиот, последен ден.

Третиот ден тимот и Porsche Taycan го поминаа во Скопје, каде беа направени неколку интервјуа со локални личности кои се на овој или оној начин поврзани со Porsche, но и кои можат да пренесат дел од локалната приказна.

За тоа нема да откриваме многу – само ќе советуваме „да причекаме“ до финалниот производ. Снимањето се случуваше на неколку различни локации, а денот заврши со ноќно снимање и фотографирање во центарот на нашиот главен град.

А инаку, каков е Taycan? Зад управувачот поминавме неколку стотици километри и можеме да кажеме едноставно – спектакуларен. Сета таа технологија која е вградена во Taycan испорачува 760 коњски сили и 1050 Nm вртежен момент. Перформансите се запрепастувачки, а Taycan е неуморен. Launch Control системот овозможува лансирање до 100 километри на час за 2.8 секунди – и може да го направи тоа повторно и повторно и повторно.

Едноставно, Taycan поставува нова дефиниција за тоа што значи брз автомобил. Одговорот на секое притискање на педалата за гас е инстантно – до тој степен што едноставно морате ги смените навиките на возење. Управувањето е директно, а зад управувачот чувството е како во Porsche 911 или Cayman – менува насока со острина и прецизност кои успешно ја сокриваат неговата маса. Од друга страна, кога сакате – Taycan станува мирен и опуштен, и лесно може да биде секојдневен, супер-комфорен автомобил.

Поврзано:  Ова е новиот Rezvani RR1

И сето тоа без да потроши ниту една капка бензин.

Горди сме што Discover The Unknown ја посети и нашата земја, а особено сме горди што ние имавме можност одблиску да погледнеме како се снима една епизода од ваков серијал. А тоа што имавме можност да го повозиме Taycan – тоа е одличен бонус!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.