Официјално: Сите детали за новиот Renault Twingo Electric – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Сите детали за новиот Renault Twingo Electric

Францускиот бренд ги објави сите информации за најмалиот електричен модел од гамата.

Twingo Electric е погонуван од R80 електричниот мотор на Renault, кој развива 82 кс и 160 Nm вртежен момент. Исто како верзиите со внатрешно согорување, моторот e поставен на задната оска ги погонува задните тркала.

За разлика од понееколошките варијанти, тој може да достигне максимална брзина од само 135 км/ч, додека забрзувањето од 0-100 км/ч трае 12.9 секунди.

Електричниот мотор го хранат пакет батерии од 22 киловат-часа, што му овозможува опсег до 190 километри според комбинираниот WLTP циклус или до 270 километри според градскиот WLTP циклус.

Тука е и „Eco“ режим на возење, кој го зголемува опсегот при градски услови на околу 225 километри, а тоа го прави со ограничување на забрзувањето и максималната брзина.

Електричниот градски автомобил нуди и избор од три различни нивоа на регенеративно сопирање, кои се селектираат преку рачката на менувачот. Најрегенеративната конфигурација го претвара Twingo Electric во автомобил што може да се вози само со една педала.

Моделот е понуден во три нивоа на опрема: Life, Zen и Intensе, а како највисоко ниво ќе се нуди Vibes Limited Edition. Истото се издвојува со специјални стилски елементи како нова Valencia портокалова боја, бели детали на решетката, бели ленти на задните врати и 16-инчни алуминиумски фелни со бела позадина и портокалови завртки.

Во кабината, Twingo Electric Vibes доаѓа со ленти во боја на инструмент панелот, поинакви седишта, специјални панели на подот од вратите и рачка од менувачот украсена со алуминиум.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.