Пристигна новата BMW Серија 4! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Пристигна новата BMW Серија 4!

Во салонот на импортерот на BMW и MINI за Македонија – М Кар – пристигна новата Серија 4 на баварскиот производител!

Само неколку месеци по официјалната светска премиера, новото баварско купе – Серијата 4 на BMW – пристигна и во Македонија.

Како што веќе пишувавме, кај Серијата 4 дебитира нов, контроверзен лик кој изнуди секакви реакции кај фановите на брендот. Секако, и ние ќе се согласиме дека „маската“ на новата Серија 4 нема да биде по сечиј вкус, но мораме да признаеме дека навистина го привлекува вниманието и изгледа сосем различно од било кој друг автомобил. Всушност, со новите, вертикални отвори на Серијата 4, BMW се навраќа на големите, вертикални „бубрези“ од легендарните баварски купеа од минатото. Линијата е привлечна и купеовска, а завршува со остар и широк заден дел кој има задача да ја истакне спортската страна на новото купе.

На самиот почеток ќе се нудат неколку различни погонски изведби – 420i Coupe и 430i Coupe кои користат 2-литарски турбо-бензинец, кој испорачува 184, односно 258 коњски сили и 300, односно 400 Nm вртежен момент. 420i Coupe постигнува 100 километри на час за 7.5 секунди, додека 430i го постигнува истиот бенчмарк за само 5.8 секунди. Максималната брзина кај 420i е 240, додека кај 430i е 250 километри на час. Изложениот примерок е токму 430i со 258 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Врв на бензинската понуда е 440i кој располага со 374 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, а над него секако е новиот М4.

Понудата кај дизелите започнува со 420d xDrive Coupe кој користи 2-литарски турбо-бензинец и mild-hybrid технолгија за да испорача 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Забрзува „до стотка“ за 7.4 секунди и постигнува максимални 238 километри на час. Скалило погоре е 430d xDrive Coupe кој користи три-литарски шест-цилиндерски твин-турбо дизел кој нуди 286 коњски сили и 650 Nm вртежен момент. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 5.2 секунди и постигнува максимални 250 километри на час.

Поврзано:  BMW го претстави концептот Skytop

Врв на дизелската понуда е BMW M440d xDrive Coupe (кој ќе биде достапен од Март следната година), кој користи 3-литарски твин-турбо дизел со шест цилиндри во линија, кој испорачува моќни 340 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. М440d забрзува до 100 километри на час за 4.7 секунди и постигнува максимални 250 километри на час.

За повеќе информации, како и за цените на новата BMW Серија 4, посетете го салонот на BMW Македонија.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.