full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW официјално ги претстави новите, радикални M3 и М4!

Новите M3 и M4 на BMW се навистина радикални – не само заради поларизирачниот дизајн, туку и заради новите конфигурации кои BMW за прв пат ги нуди во овој сегмент.

Ајде прво за најважното – она кое се крие под поклопецот на моторот. Таму ќе најдете 3-литарски твин-турбо шест-цилиндерски бензинец кој испорачува 480 коњски сили и 550 Nm вртежен момент кај „обичните“ M3 и М4, односно моќни 510 коњски сили и 650 Nm вртежен момент кај Competition изведбите на овие модели.

Регуларните верзии можат да се добијат со мануелен или автоматски менувач, додекa Competition изведбите се достапни само со автоматски менувач. Сите верзии стандардно ќе се нудат со погон само на задните тркала, но купувачите ќе можат да нарачаат и погон на сите четири тркала со можност за целосно исклучување на преносот на сила кон предните тркала.

Што значи сето ова за перформансите? Регуларните M3 и M4 забрзуваат до 100 километри на час за 4.2 секунди и постигнуваат максимална брзина од 250 километри на час, додека кај Competition изведбите истиот бенчмарк се постигнува за само 3.9 секунди, а максималната брзина останува иста. Доколку го купите M Driver’s пакетот, максималната брзина се искачува на 290 километри на час.

Дизајнот на новите автомобили е навистина контроверзен и нема да биде по сечиј вкус, но не можеме да негираме дека автомобилите изгледаат агресивно. На предниот дел на двата автомобили едноставно доминираат големите, вертикални „бубрези“, а околу нив се поставени дополнителни отвори за воздух. Автомобилите се пошироки, пониски и со нагласено динамични пропорции – а сето тоа е во насока на подобрување на управливоста, динамичноста и перформансите – предниот траг е поширок за цели 38 милиметри за да се постигне подобра управливост.

Поврзано:   Пристигна новата BMW Серија 4!

Автомобилите добиваат адаптивна М суспензија, како и компоненти кои се дизајнирани и изготвени специјално за нив. Задната суспензија користи нова архитектура, а автомобилите добиваат и специјални зајакнувања на шасијата за дополнително зацврстување. Тука се и M Servotronic управувачкиот столб, а може да се добијат и M Professional пакетот, како и M Traction Control системот за напредно прилагодување на системот за контрола на тракцијата.

Во однос на сопирачките – M3 и M4 добиваат 380-милиметарски дискови на предните тркала и 370 милиметарски дискови на задните тркала, а купувачите можат да нарачаат и карбон-керамички сопирачки со 400-милиметарски дискови на предните, односно 380-милиметарски дискови на задните тркала.

Продажбата се очекува да започне наскоро, а првите примероци ќе бидат испорачани на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.