ПРЕМИЕРА: BMW Серија 4 – Евокативен лик за новото баварско купе! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW Серија 4 – Евокативен лик за новото баварско купе!

Со новата Серија 4, BMW сака да ја комбинира најновата технологија со забележителен, провокативен и евокативен дизајн!

Ова е новиот лик на Серија 4 купето на BMW. Инженерите и дизајнерите на BMW кажуваат дека ја земале спортската основа од Серијата 3 – и во неа инјектирале уште повеќе динамичност и спортски карактеристики. Ќе признаеме дека нема да биде по сечиј вкус – но истовремено, мораме да признаеме дека не изгледа како ништо друго на улиците и несомнено ќе ги привлече погледите на сите. Со новите, вертикални отвори на Серијата 4, BMW се навраќа на големите, вертикални „бубрези“ од легендарните баварски купеа од минатото. Линијата е привлечна и купеовска, а завршува со остар и широк заден дел кој има задача да ја истакне спортската страна на новото купе.

Инаку, Серијата 4 е неколку сантиметри пониска од Серијата 3 и суспензијата е дополнително прилагодена да понуди уште поспортско искуство. Од BMW ветуваат дека направиле автомобил во кој навистина ќе може да се ужива – како на улиците, така и на патеката. Инженерскиот тим имал задача да ја направи што е можно попрецизна – и немаме никаков сомнеж дека успеале во тоа.

На самиот почеток ќе се нудат неколку различни погонски изведби – 420i Coupe и 430i Coupe кои користат 2-литарски турбо-бензинец, кој испорачува 184, односно 258 коњски сили и 300, односно 400 Nm вртежен момент. 420i Coupe постигнува 100 километри на час за 7.5 секунди, додека 430i го постигнува истиот бенчмарк за само 5.8 секунди. Максималната брзина кај 420i е 240, додека кај 430i е 250 километри на час.

Врв на бензинската понуда (сега за сега) е BMW M440i xDrive Coupe кој користи шест-цилиндерски турбо-бензинец со mild hybrid технологија, кој испорачува 374 коњски сили и 500 Nm вртежен момент кон сите четири тркала. Овој модел забрзува до 100 километри на час за импресивни 4.5 секунди и постигнува максимални 250 километри на час.

Поврзано:   Flow Nostokana е најновата арт инсталација на BMW и Esther Mahlangu

Слична е градацијата и кај турбодизелите. Понудата започнува со 420d xDrive Coupe кој користи 2-литарски турбо-бензинец и mild-hybrid технолгија за да испорача 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Забрзува „до стотка“ за 7.4 секунди и постигнува максимални 238 километри на час. Скалило погоре е 430d xDrive Coupe кој користи три-литарски шест-цилиндерски твин-турбо дизел кој нуди 286 коњски сили и 650 Nm вртежен момент. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 5.2 секунди и постигнува максимални 250 километри на час.

Врв на дизелската понуда е BMW M440d xDrive Coupe (кој ќе биде достапен од Март следната година), кој користи 3-литарски твин-турбо дизел со шест цилиндри во линија, кој испорачува моќни 340 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. М440d забрзува до 100 километри на час за 4.7 секунди и постигнува максимални 250 километри на час.

Секако, Серијата 4 ги добива сите технологии кои веќе се нудат во Серијата 3 – како што се полу-автономното управување, сите системи за активна и пасивна безбедност, најновата генерација на iDrive системот и многу, многу повеќе. Секако, наскоро ќе пристигне и М4, за кој се претпоставува дека ќе ја надмине границата од 500 коњски сили!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.