Официјално: SSC Tuatara е најбрзото возило во светот – постигна 532.93 километри на час! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: SSC Tuatara е најбрзото возило во светот – постигна 532.93 километри на час!

Kомпанијата Shelby SuperCars (SSC) со својот модел Tuatara постави нов рекорд за најбрзо сериско возило во светот – откако постигна неверојатни 532.93 км/ч на затворен пат во Невада.

Покрај максималната брзина, ултра-брзиот модел постави и просечна брзина од 508.7 кмч во двете насоки – повеќе од рекордот на Bugatti од 490.4 км/ч, поставен со Chiron Super Sport 300+. На првото возење постигна максимална брзина од 316.11 милји (односно 508.73 километри) на час, а на второто возење SSC Tuatara постигна 331.15 милји (односо 532.93 километри) на час.

Зад воланот на SSC Tuatara управуваше Британскиот тркачки возач Оливер Веб, а локацијата беше истата која ја користеше Koenigsegg во 2017 за поставувањето на досегашниот официјален брзински рекорд со Agera RS, при кој постигна просечна брзина од 447.2 км/ч во двете насоки, како и максимална брзина од 457 км/ч.

Под поклопецот на Tuatara се наоѓа 5.9-литарски твин-турбо V8 кој произведува 1750 кс кога е погонуван од E85 гориво. Моделот има низок коефициент на воздушен отпор од 0.279, што пак значително придонесува кон постигнувањето на овие вртоглави брзини.

Сепак, титулата за најбрз сериски автомобил може наскоро да биде одземена од друг конкурент. Koenigsegg најави дека нивниот модел Jesko Absolut може да постигне максимална брзина од над 500 км/ч, па останува да видиме кои бројки ќе ги достигне шведскиот мега-автомобил во реалните услови.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.