SSC Tuatara го повтори обидот за рекорд и постигна 455.2 км/ч – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

SSC Tuatara го повтори обидот за рекорд и постигна 455.2 км/ч

Компанијата SSC го повтори обидот за рекорд, при што не успеа да ја постигне истата бројка, но ја зема титулата од Koenigsegg Agera RS за најбрз сериски автомобил.

Првиот обид на SSC Tuatara важи како пример за неуспешно мамење откако неколку славни јутубери ја негираа релевантноста на изнесените информации со употреба на објавеното видео и математички пресметки со формули од физиката на самиот обид.

Нерегуларностите беа признаени од SSC и за таа цел беше организиран нов обид во трката за најбрз сериски автомобил на светот. За разлика од претходниот обид, кој се одвиваше на патот Nevada State Route 160, новиот беше направен на Johnny Bohmer Proving Grounds пистата за слетување на вселенски летала во Флорида.

Исто така, компанијата користела уреди за мерење на брзината од Racelogic (VBox), Life Racing, Garmin, како и IMRA (International Mile Racing Association) за прецизно да ги измери релевантните бројки.

Наместо професионалниот тркачки возач Оливер Веб, кој беше ангажиран за првиот обид, позади воланот на овој примерок на SSC Tuatara сега се најде неговиот сопственик Др. Лери Каплин. Тој имаше простор од вкупно 3.7 километри за да го искуси интензивното забрзување на хиперавтомобилот, и да постигне импресивни 393 км/ч по само 1.6 изминати километри.

За да се квалификува за нов рекорд, Tuatara направи две возења во спротивни насоки. Успеа да достигне 450.1 км/ч во насока кон север и 460.4 км/ч кон југ, со што постави просечна максимална брзина од 455.2 км/ч.

Иако со овој рекорд Tuatara ја зема титулата од досегашниот шампион Koenigsegg Agera RS, кој постигна 447.19 км/ч во 2017та, инженерот на SSC одговорен за создавање на моторот Том Нелсон изјави дека таа е способна за уште поголема брзина.

Како за потсетување, SSC Tuatara е погонувана од 5.9-литарски твин-турбо V8, кој произведува 1,750 кс на Е85 гориво и 1,350 кс на 91 октански бензин.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.