Официјално: Peugeot 208 е Европски Автомобил на Годината за 2020 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Peugeot 208 е Европски Автомобил на Годината за 2020

Модерниот градски модел од Peugeot се закити со наградата за Европски автомобил на 2020 година по гласање на 60 реномирани автомобилски новинари од 23 земји од стариот континент.

Гласовите од сите жири членови беа презентирани на онлајн видео во живо, кое е објавено на youtube. Моделот Peugeot 208 се закити со наградата откако освои најголем дел од гласовите, или поточно 281 поен. Во финалното гласање, малиот градски автомобил ги победи моделите BMW Серија 1, Ford Puma, Porsche Taycan, Renault Clio, Tesla Model 3 и Toyota Corolla.

Ова е шеста награда за Европски автомобил на годината за Peugeot. Првата ја освои со моделот 504 во 1969, потоа на ред дојде 405 во 1988, третата ја доби моделот 307 во 2002, четвртата компактниот модел 308 во 2014 година, а петтата популарниот кросовер 3008 во 2017 година.

Овогодишното претставување на победникот се одвиваше во необични услови со празна хала, како последица на забраната на Швајцарските власти за одржување на големи собири со над 1000 посетители.

Честитки до Peugeot! Ние веќе го возевме францускиот градски шармер на неговата официјална презентација, минатата година во Португалија, каде покрај конвенционалните изведби, имавме можност да го возиме и електричниот е208.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.