ПРЕМИЕРА: Новата Ford Puma е компактен кросовер со моќни мотори и едно чудо технологија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новата Ford Puma е компактен кросовер со моќни мотори и едно чудо технологија

Новата Ford Puma ќе се обиде да го повтори успехот на малото купе кое остави свој белег на улиците – но овој пат во форма на трендовски компактен кросовер кој ќе се обиде да ги привлече младите купувачи со врвни технологии и чисти EcoBoost мотори!

Ние „набрзина“ веќе ја видовме Puma на Go Further настанот на Ford во Амстердам, но сега веќе ги имаме сите детали. Новата Puma ја дели платформата со одличната Fiesta, но добива поробустен, кросоверски лик. Фановите на Ford веднаш ќе ги препознаат карактеристични дизајнерски детали на синиот овал – но сепак, мораме да признаеме дека кросверскиот пристап кој дизајнерите го примениле совршено одговара на тековните (а судејќи по популарноста на кросоверите и SUV моделите, и идни) трендови.

На самиот старт, Puma ќе се нуди во Titanium и ST-Line нивоа на опрема, а понатаму ќе бидат додадени и други верзии. Очекувано, токму ST-Line изведбата изгледа попривлечно и подинамично, особено со поголемите тркала. Кабината е слична на онаа кај Fiesta – а тоа значи одлично-распоредени инструменти, генерално квалитетни материјали и навистина многу играчки. Вреди да напоменеме дека Puma има повеќе простор во задниот дел, како и значително поголем багажен простор – таа нуди дури 456 литри капацитет во багажникот.

Играчки? Има многу – Puma добива активен темпомат, автоматско сопирање во итни случаи, систем за препознавање пешаци, систем за следење на коловозната лента… Интересен новитет е CoPilot360 системот на Ford кој нуди лимитирани автономни функционалности – како на пример автономно возење во „тргни-застани“ сообраќај. Тука е и задната камера со агол од 180 степени, а мултимедијалниот уред доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto функционалности. Мултимедијалниот уред е со дијагонала од 8 инчи, додека инструментите пред возачот користат дисплеј со дијагонала од 12.3 инчи. Ако сакате, дури можете да добиете и седишта со вградена масажа, како и премиум аудио-уред со 10 звучници.

Инаку, Puma ќе се нуди со 1-литарски EcoBoost мотор со три цилиндри кој комбинира 48-волтен лајт-хибриден систем (повеќе за тоа тука) за да испорача 125 или 155 коњски сили. Од Ford кажуваат дека понатаму ќе биде понудена и дизелска варијанта. Без разлика на моторот кој ќе го одберете, Puma ќе ја пренесува силата само кон предните тркала. Продажбата ќе започне до крајот на оваа година.

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.