ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новата, контрoверзна BMW Серија 1! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новата, контрoверзна BMW Серија 1!

На покана на нашите пријатели од BMW, отидовме во домот на баварскиот производител за први во светот да седнеме зад управувачот на контроверзниот нов хечбек – новата Серија 1!


Новата BMW Серија 1 – или пак новиот BMW „Кец“, како што го нарекуваат многумина – е автомобил кој изнуди лавина реакции кога официјално беше претставен. Фановите на BMW и на „Кецот“ гласно го изразија своето незадоволство за една единствена новина кај третата генерација – а тоа е новата платформа, која пак примарно е со погон на предните тркала.

BMW со погон на предните тркала? Каде оди светот?

Ако сме искрени, ова не е единствениот BMW со погон на предните тркала. Моноволуменскиот 2 Series Active Tourer, како и поголемиот 2 Series Grand Tourer веќе се поставени на платформа од MINI и се примарно со погон на предните тркала. Плус – зборуваме за BMW, а BMW во својот агол има многу талентирани дизајнери и инженери, па можеби навистина заслужуваат да пристапиме кон новата Серија 1 со доза на резервиран оптимизам.

Пред воопшто да седнеме зад управувачот на новата Серија 1, имавме можност да зборуваме со дизајнери и инженери од BMW, кои самоуверено зборуваа дека навистина нема причина за страв, дека новиот автомобил нема да изгуби од „гените“ и дека не е направен компромис во однос на динамичноста. Храбри зборови, но самодовербата на говорниците беше вистинска – а тоа кажува многу.

Новата платформа е „варијација на тема“ на платформата која веќе се користи кај одличниот X1, но со многу, многу измени. Првата работа која мораме да ја напоменеме е напредниот Torsen диференцијал со ограничено пролизгување поставен на предната оска, кој е дополнително усовршен за да реагира супер-брзо. Понатаму, еден од новитетите кои инженерите од BMW го споменуваат е и ARB системот кој доаѓа директно од i3, но работено е и на суспензијата, моторите и менувачите. ARB технологијата значи дека има систем за контрола на пролизгувањето кој е дел од главниот комјутер на автомобилот, а не во независниот систем за контрола на стабилноста – со тоа реакциите се до три пати побрзи, а возачот добива чувство на зголемена агилност. Вуду. Новиот „Кец“ ќе се нуди со неколку дизелски и неколку бензински мотори – а ние имавме можност да седнеме зад управувачот на турбодизелскиот 118d, како и врвниот, турбо-бензински M135i xDrive кој користи 2-литарски турбо-бензинец, автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Дизајнерите храбро си играле со површини и формите на новата Серија 1

Сепак, ајде прво малку за дизајнот. Дизајнот на новиот автомобил е многу повеќе од типична еволуција која обично ја очекуваме кога автомобил оди од една генерација во друга. Предниот дел на новата Серија 1 ја карактеризираат шиииирок отвор за воздух, големи „бубрези“ кои се карактеристични за тековните модели на BMW, како и широки, хоризонтални предни светла. Финалниот продукт е изненадувачки динамичен, особено во M-Sport изведба.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 1

Страниците ги дефинираат широките карактерни линии, кои дополнително ги издвојуваат боковите, што пак резултира со широк и интензивен заден дел. Задниот дел – според нас – е најдобро-дизајнираниот дел од новата Серија 1 – широките и тенки задни светла изгледат луто, а двојните завршетоци на издувниот систем ја комплетираат приказната за динамичен автомобил каде дизајнерите храбро си играле со површините и формите.

Супер-хај-тек кабина со забележително повеќе простор

Новата кабина најдобро ќе ја опишеме вака – многу, многу слична на одличната кабина на новата Серија 3 (која ја возевме минатата година во Португалија), но малку намалена. Инаку, ги добивате истите хај-тек решенија кои се добиваат и кај Тројката – па така пред управувачот е поставен новиот 12.3-инчен дигитален панел со инструменти, додека на централната конзола има уште еден таков, наменет за iDrive системот (кој патем е супер-лесен и интуитивен за користење во неговата најнова генерација).

Она кое радува е просторната понуда – сега има значително повеќе простор во кабината во однос на минатите генерации – особено на задната клупа и во багажникот, а со тоа се замолкнуваат критичарите на минатите генерации на Серијата 1.

Добро, добро, во ред, но каков е за возење?

Во ред – најважното – одиме да возиме. Прво седнуваме зад управувачот на 118d и веднаш станува јасно дека самодовербата на инженерите на BMW е повеќе од оправдана. Возејќи нормално, новиот „Кец“ се однесува максимално неутрално, без никакви тенденции кон подуправување. Од друга страна, ја менува насоката на движење со изненадувачка агилност. Дволитарскиот турбодизел испорачува 150 коњски сили од 2500 до 4000 вртежи во минута, како и 350 Nm вртежен момент од 1750 до 4000 вртежи во минута. Широкиот распон на моќност и вртежен момент, како и 8-брзинскиот Steptronic автоматски менувач го прават возењето лесно – само притиснете ја педалата за гас и перформансите се инстантно-достапни. А перформансите не се воопшто за потценување – 100 километри на час пристигнуваат за 8.4 секунди, додека максималната брзина е 216 километри на час.

Поврзано:  BMW 2 добива ненаметлив фејслифт

Од 118d одиме во врвниот M135i xDrive. Оваа верзија едноставно зрачи со агилност, дури пред воопшто да седнеме да возиме. Веднаш ги забележуваме спортските браници, пониската суспензија, големите тркала и големите сопирачки, како и хромираните завршетоци на издувниот систем. Новиот мотор (кој воедно е најмоќниот мотор со четири цилиндри кој BMW го произведува) користи подобрени инјектори за гориво, посветено е многу внимание на намалување на триењето во самиот мотор, со цел да се подобри ефикасноста, а поголемиот и поефикасен турбополнач постигнува температура на издувните гасови до 1025 степени! Инженерите на BMW кажуваат дека овој мотор нуди уникатно возачко искуство, па.. Ја отвораме возачката врата и нè пречекува спортска кабина со одлично-профилирани седишта, спортски M-Sport управувач, контрастни детали и едноставно – ова е одлично место да се вози.

А возењето? Пфф… Одговорно тврдиме дека инженерите на BMW одлично си ја завршиле работата и ова е можеби најдинамичниот хечбек кој во моментов се продава. Вистинската магија е во диференцијалот – притиснете ја педалата за гас до крај во свиок и диференцијалот „го подбутнува“ носот на автомобилот поостро во свиокот, а со тоа на некој начин симулира погон на задните тркала – имате чувство како задниот дел да пролизгува – но не е така. Задниот дел верно ја следи насоката на движењето, но го нема она подуправување кое е типично за моментите кога „ќе ја претераме“ во автомобил кој е со погон на предните тркала. Sehr gut, инженери, sehr gut!

Во неврзан муабет, добивме информација дека M135i ќе биде врвната изведба на новата Серија 1, и дека BMW не планира специфична М изведба на новиот хечбек. Од друга страна, добивме потврда дека баварците веќе работат на новата Серија 2, која ќе остане со погон на задните тркала.

Поврзано:  Dahler го тјунираше моќниот BMW M3 CS

И сега, каде е BMW Серија 1? Направени се некои компромиси за автомобилот да биде попривлечен за купувачите – а купувачите беа гласни. Тие го сакаа својот автомобил, но сакаа и повеќе простор, а со новата генерација, BMW го нуди токму тоа. Динамичноста не е компромитирана, само е различна – а тоа не е лоша работа. Значи, BMW во својата понуда сега има забавен и динамичен хечбек, кој ги нуди сите можни најнови технологии, а истовремено ги исполнува критериумите за забава кои ги наметнува самиот бренд. Мисија – исполнета!

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.