full screen background image
Search

Lotus Evija е електричен хиперавтомобил со 2000 коњски сили!

Британскиот бренд, познат по супер-лесните спортски модели, претстави хиперавтомобил кој ќе ја земе титулата за најсилен сериски автомобил.

Погонуван од четири електрични мотори со комбинирана моќност од 2,000 кс и 1,700 Nm вртежен момент, новиот Evija ќе може да забрзува од 0-100 км/ч за помалку од три секунди, додека пак забрзувањето од 0-300 км/ч ќе трае помалку од 9 секунди. Максималната брзина се очекува да биде над 320 км/ч.

Од големо значење за овие импресивни перформанси била новата ултра-лесна карбонска монокок шасија. Таа е направена како едноделно тело и тежи само 129 килограми, а целосната тежина на овој хиперавтомобил ќе изнесува 1,680 килограми.

Според Lotus, новиот модел е дизајниран да испорача оптимална комбинација од екстремни перформанси и комоција на патот. За да го постигне тоа, автомобилот е опремен со по три адаптивни амортизери на секоја оска, а е поставен на 20 и 21-инчни магнезиумски фелни обвиени во Pirelli Trofeo R пневматици. За застанување се грижи систем за сопирање создаден од AP Racing.

Новиот Evija ќе биде целосно опремен со најнова технологија, а тоа значи дека доаѓа со активна аеродинамика со систем за намалување на воздушниот отпор како кај болидите од Формула 1, ласерски предни светла развиени од Osram, камери наместо ретровизори, LED задни светла итн.

Електричните мотори ја црпат енергијата од централно поставен пакет од литиум-јонски батерии, кои му овозможуваат на моделот опсег на возење до 250 милји со само едно полнење. Кога таа ќе биде испразнета, може да се наполни со полнач од 350 kW на 80% за 12 минути или целосно за 18 минути. Lotus Evija е направен да може да прими и полнач од 800 kW, но сепак таквите полначи не се сеуште достапни.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Emira е последниот автомобил со мотор со внатрешно согорување на Lotus

Производството ќе започне следната година и ќе биде ограничено на 130 примероци, а секој од нив ќе чини 1.9 милиони евра.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.