Официјално: Tesla го претстави автомобилот наменет за широките маси – новиот Model 3 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Tesla го претстави автомобилот наменет за широките маси – новиот Model 3

Производителот на електрични автомобили го претстави својот модел наменет за „обичните“ купувачи – новиот Tesla Model 3 ветува автономија до 500 километри!

Tesla Model 3 ќе се нуди во две варијанти – стандардната и Long Range варијанта. Стандардниот Model 3 ќе може да помине 354 километри со едно полнење, ќе забрзува до 100 километри на час за 5.6 секунди и ќе постигнува максимална брзина од 209 километри на час. Верзијата со поголема батерија ќе ја носи ознаката Long Range и ќе може да помине до 498 километри со едно полнење, ќе забрзува „до стотка“ за 5.1 секунда и ќе постинува 225 километри на час.

Ентериерот на Model 3 е малку неконвенционален – нема стандардни инструменти туку еден голем 15-инчен дисплеј поставен на средината. Со ова Tesla ги најавува своите амбиции да нуди возила со целосно-автономно возење во иднина. Tesla Model 3 ќе доаѓа со 8 камери, радар, 12 ултрасонични сензори, а Autopilot функционалоста ќе чини 5000 долари. Дел од стандардната опрема се и 18-инчни тркала и текстилни седишта.

Tesla Model 3 ќе се нуди во неколку различни бои – Solid Black, Midnight Silver Metallic, Deep Blue Metallic, Silver Metallic, Pearl White Multi-Coat и Red Multi-Coat. Сите бои чинат по 1000 долари, освен црната боја која е „стандардна“.

Всушност, слична е приказната со сите „додатоци“ во Tesla Model 3 – основниот автомобил е „релативно“ достапен и ќе чини 35.000 долари за основната верзија, односно 44.000 долари за Long Range верзијата. Боите ќе чинат по 1000 долари, Autopilot-от ќе чини 5000 долари а целосното-автономно возење уште 3000 долари. Дополнително, доколку сакате уште „играчки“ во кабината ќе треба да доплатите уште 5000 долари за Premium пакетот кој вклучува електрично нагодување на седиштата, управувачот и страничните ретровизори, премиум аудио уред, и уште многу други ситници.

Сè на сè, доколку сакате да добиете Tesla Model 3 Long Range со додатоци (но сигурни сме, не сите), и вистинското, Tesla искуство – бидете подготвени да дадете скоро 60.000 долари – и тоа во Америка, каде дополнителните давачки се скоро никакви – европските цени сигурно ќе бидат значително повисоки.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.