Намалена тежина и повеќе моќност – тоа е рецептот за новите екстремни верзии на Alfa Romeo Giulia.
Alfa Romeo Giulia GTA е „супер-автомобил за секој ден“, додека GTAm (M значи Modificata) е тркачот наменет за обичните улици – со само две седишта и тркачки кафез. Двете верзии се пошироки цели 50 милиметри, со цел да ги собере поголемите тркала, а добиваат и значителни аеро-подобрувања – поголем спојлер на задниот дел, поголеми отвори за воздух на предниот дел, нови странични прагови, нов заден дифузер… Кабината добива карбонски детали и површини обвиени во алкантара, како и супер-лесни, карбонски спортски седишта со безбедносни појаси во шест точки.
Секако, доработен е и моторот – па кај обете верзии, 2.9-литарскиот V6 сега испорачува моќни 540 коњски сили. Сега, спринтот до 100 километри на час трае само 3.6 секунди, а тоа е благодарение на одличниот однос меѓу моќта и тежината – секоја коњска сила е задолжена за придвижување на само 2.88 килограми. Тежината е намалена за импресивни 100 килограми, а тоа е добиено преку користење иновативни материјали и технологии за изработка. На пример, издувниот систем доаѓа од експертите од Akrapovic, а задното стакло е изработено од лексан.
Ќе бидат произведени вкупно 500 примероци, кои ќе се нарачуваат низ специјален процес за нарачки во соработка со Alfa Romeo бренд амбасадор, а купувачите ќе добијат и специјално тркачко одело, како и тркачка кацига.
Подготвени да нарачате?