Mitsubishi подготви значително освежување за Outlander! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mitsubishi подготви значително освежување за Outlander!

Mitsubishi подготви значителен фејслифт за својот SUV – моделот Outlander – кој покрај значително изменетата надворешност, ќе добие и многу новитети и поквалитетни материјали во ентериерот!

Скоро секогаш кога зборуваме за фејслифтирани модели – зборуваме за дискретни измени. Изменети браници, можеби дискретно изменети светлосни групи – и тоа е тоа. Но Mitsubishi реши да ги прекрши овие правила и да подготви значителен фејслифт за големиот Outlander. Надворешните измени се толку значителни, што за момент ќе си помислите дека се работи за целосно нов модел, а не за освежување на тековниот.

Веднаш се забележува новиот и попривлечен преден дел кој влече инспирација од одличниот Concept S. Новиот преден браник и предните светлосни групи изгледаат далеку помодерно и попривлечно. Профилот е сличен, но задниот дел е значително изменет исто така – ги нема веќе малку застарените „транспарентни“ задни светла – туку сега гордо се поставени целосно нови задни светла кои одговараат на останатиот дизајн.

Во ентериерот купувачите ќе пронајдат нов управувач, нови детали и ново задно преклопливо седиште, нови тапацири, материјали, целосно нов мултимедијален уред и уште многу други нови ситници. Ниту шасијата не е заборавена – која сега е зацврстена за да се подобри структурната ригидност, како и суспензијата. Според Mitsubishi, поработено е и на звучната изолација, па сега големиот SUV би требало да е значително порафиниран на подолги патувања.

Ние веќе добро го познаваме Outlander – поминавме по неколку дена со како со обичниот модел, така и со хибридниот Outlander PHEV, и со нетрпение го очекуваме и фејслифтираниот модел за да имаме можност и со него да се дружиме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.