ТЕСТ: Mitsubishi Outlander PHEV – Еколошка технологија од далечниот исток! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi Outlander PHEV – Еколошка технологија од далечниот исток!

Mitsubishi Outlander не ни е непознато возило – веќе добро го познаваме регуларниот модел, но со задоволство ја искористивме шансата да ја повозиме модерната, еколошка и технолошки напредната Plug-In Хибридна верзија.

Еднаш веќе пишувавме за иновативната технологија која се крие позади (односно, во) Outlander PHEV. Во суштина, Outlander PHEV е плаг-ин, сериски паралелен хибрид. Што всушност значи тоа? Ајде да објасниме по ред. Прво и основно, plug-in означува дека овој автомобил можете да го вклучите во обичната електрична мрежа и да ги наполните неговите батерии, а со тоа да добиете автономија исклучиво на струја од околу 50-тина километри. При сериско работење, електромоторите ги придвижуваат предните и задните тркала а моторот на внатрешно согорување по потреба се активира за да ги полни батериите. Во режим на паралелно работење, возилото се движи со помош на моторот на внатрешно согорување, а електромоторите работат како „помагачи“ со цел да се намали потрошувачката. Овој режим се активира автоматски при брзини над 120 километри на час.

mitsubishi-outlander-phev-rear

Под „кожата“на Outlander PHEV се кријат класичен мотор со внатрешно согорување, веднаш до кој се наоѓа и едниот електромотор. Под седишата се поставени батериите а меѓу задните тркала е поставен вториот електромотор кој истовремено обезбедува и погон на сите четири тркала. Всушност, додека работи во електричен режим, Outlander PHEV е возило со перманентен погон на сите четири тркала.

Да поедноставиме – сето ова значи дека ако воглавно возите по кратки релации низ град и редовно (секоја вечер) го вклучувате вашиот Outlander PHEV во струја, тогаш можете воопшто да не трошите сок од диносауруси. Автономијата од 50-тина километи е сосем доволна за секојдневните потреби на урбаното живеење. Дополнително, многу ни се допадна фактот дека возењето на електрична енергија не е директно врзано со брзината на движење, односно дека можете да возите со брзини до 120 километри на час без воопшто да се вклучи бензинскиот мотор – навистина одлично ако земеме во предвид дека некои од конкурентите го овозможуваат возењето на струја само до 50 километри на час – бројка која лесно и редовно се надминува и во градски услови.

mitsubishi-outlander-phev-front-side

Полнењето трае околу 5 часа во нормален приклучок за струја, а доколку имате пристап до приклучок за брзо полнење, 80% од батеријата може да се наполни за околу 30 минути. За жал, вакви станици во Македонија сè уште немаме, но се надеваме дека ќе дојде ден кога ќе бидат достапни насекаде – особено во големите трговски центри и близу до прометните улици. Замислете како седнувате во кафуле да испиете кафе, а вашиот автомобил тивко и безбедно се полни во станицата за брзо полнење! Дополнително, доколку сакате можете да го ставите автомобилот во режим на самостојно полнење – односно бензинскиот мотор да работи во место и да ги полни батериите. Според тоа што ни го објаснија луѓето од Mitsubishi, за полнење на 80% од батеријата потребни се околу 40-тина минути и околу 3 литри бензин. Секако, додека возите можете да го активирате и системот за регенеративно кочење, благодарение на кој секогаш кога ќе ја отпуштите педалата за гас автомобилот автоматски почнува да кочи и со тоа ефикасно ги полни батериите. Ова се покажа како особено ефикасен режим, особено ако се симнувате од некој планински превој.

mitsubishi-outlander-phev-bottom-rear

Во ред – но како се покажа Outlander PHEV како возило за секојдневна употреба? Одговорот е – одлично, исто како и нормално возило. Да, тргнувањето во апсолутна тишина секогаш е интересна и несекојдневна сензација, но сепак една од најсилните страни на Outlander PHEV е што изгледа и функционира како било кое друго возило. Системот функционира неприметно и префрлувањата од еден погонски систем на друг се тотално незабележливи. Всушност – пуштете го радиото малку погласно, и исто е како во обичен Outlander со автоматски менувач – што ние сметаме дека е навистина за поздрав!

mitsubishi-outlander-phev-interior1

Внатрешноста е истата онаа која веќе ја познаваме од Outlander кој го возевме пред точно една година. Седиштата се комфорни, прегледноста е задоволителна а камерата за движење наназад го олеснува паркирањето и маневрирањето во градскиот метеж. Ергономијата не е на баш највисоко ниво (на пример, копчето за промена на информациите прикажани на дисплејот пред возачот е поставено од левата страна на управувачот, каде не е во видното поле на возачот, рачката од менувачот нема соодветен механички фидбек) но тоа се ситници на кои лесно се навикнавме. За жал, во PHEV го нема третиот ред седишта, па бројот на седишта изнесува 5.

outlander-phev-details

Соодветно „накитен“ во највисокото ниво на опрема, тестниот Outlander PHEV дојде со кожни седишта, електричен кров, едно чудо сензори, камери и ситници, одличниот систем за следење на работата на хибридниот уред, мултимедијален уред со навигација (кој би сакале да реагира малку побрзо), греење на седишта, ксенонски предни светла, Rockford Fosgate музички систем и уште многу, многу други ситници. Кога на сето ова ќе се додадат и одличните 5 ѕвездички добиени на EuroNCAP тестирањата, веќе станува јасно дека зборуваме за автомобил кој не само што е практичен, туку е и безбеден.

mitsubishi-outlander-phev-vert

Сепак, во возење, Outlander се однесува токму онака како што очекуваме. Да, се чувствува зголемената тежина (батериите и електричните мотори додаваат околу 200 килограми на вкупната тежина во однос на дизелската верзија) и иако бензинскиот мотор работи прилично мирно, сепак чувството е дека работи нешто „застарено“ кога се споредува со електричниот режим.

Забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае 11 секунди, а максималната брзина изнесува 170 километри на час. Овие перформанси се благодарение на вкупната системска моќност од 200 коњски сили и 340 Nm вртежен момент.

Багажникот е доволно голем и нуди зафатнина слична како кај обичниот Outlander, односно околу 460 литри.

Сега веќе можеме малку да зборуваме и за потрошувачката. Во градски услови, возејќи го Outlander PHEV како и било кое друго возило, и без дополнително полнење на батеријата (го оставивме хибридниот систем сам да си „брка работа“ и да полни кога смета дека треба) измеривме потрошувачка од само 2.3 литри на 100 изминати километри – и ова е ако успеете да ја потрошите целосно батеријата. Како што веќе рековме, ако возите исклучиво на струја и редовно го полните вашиот Outlander PHEV, потрошувачката ќе изнесува точно 0 литри на 100 километри.

mitsubishi-outlander-phev-logo

Сепак, решивме да отидеме еден чекор понатаму и да видиме каква ќе биде потрошувачката на Outlander PHEV на отворен пат, и каква ќе биде разликата ако тргнете со празна и со полна батерија. Тргнавме со празна батерија, и до нашата дестинација поминавме околу 180 километри, цело време со вклучен клима уред. Во овој режим, забележавме потрошувачка од 9.8 литри на 100 километри. На враќање, ја наполнивме батеријата и измеривме потрошувачка од само 5.2 литри на 100 километри – тоа се одлични резултати, особено ако земеме во предвид дека се работи за голем и тежок автомобил!

mitsubishi-outlander-phev-bottom-rear-final

Кои се заклучоците кои можеме да ги извлечеме на крај? Mitsubishi има вистински победник во своите раце – Outlander PHEV е автомобил кој е „до горе“ полн со технологија која не само што е напредната, туку е и паметно решена. За оние кои возат на кратки релации, електричниот режим на работа може да значи целосно елиминирање на трошоците за бензин и возење само на струја – опција која е неколкукратно поевтина. Во сите други услови, Outlander PHEV се наметнува како еколошки прифатлив и рационален избор кој благодарение на бензинскиот мотор го елиминира стравот од кратката автономија и нуди возило кое може да биде искористено и корисно во многу различни ситуации. Прочитајте го уште еднаш нашето детално разгледување на технологијата која го придвижува Outlander PHEV и бидете уверени дека добивате навистина несекојдневно возило.

Плус, секогаш ќе ја имате сатисфакцијата да тргнете во апсолутна тишина – чувство кое е вистински незаменливо!

  • 2-литарски атмосферски бензинец, 120 коњски сили, 190 Nm вртежен момент
  • Преден електромотор, 82 коњски сили, 137 Nm вртежен момент
  • Заден електромотор, 82 коњски сили, 195 Nm вртежен момент
  • Системска моќност: 200 коњски сили, 340 Nm вртежен момент
  • Максимална брзина: 170 км/час
  • Забрзување 0-100: 11 секунди
  • Должина: 4665 mm
  • Ширина: 1800 mm
  • Висина: 1680 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 463 литри
  • Потрошувачка: 2.3 литри градска, 5.2 литри отворена
  • Цена на тестираниот модел: Mitsubishi Outlander PHEV Intense+ – 42.980 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.