Панорама: Mitsubishi Outlander PHEV – Вонземјанин со еколошка свест – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Панорама: Mitsubishi Outlander PHEV – Вонземјанин со еколошка свест

Mitsubishi вложува многу во PHEV технологијата, а резултат на тоа е Outlander PHEV – eлектричното возило кое може секојдневно да се користи!

Пред околу шест месеци одблиску го запознавме Mitsubishi Outlander. Тогаш тој успеа многу позитивно да нè изненади и самоуверено да ги надмине нашите очекувања, поради тоа што ни понуди одлична забава, импресивни теренски способности и моќна механичка подлога, без да го платиме данокот во облик на намален комфор, недостаток на опрема или рафинираност. Затоа нема да навлегуваме во детали за надворешниот изглед, подвозјето и опремата, туку ќе се посветиме на тоа што го издвојува Outlander од другите роднини, а воедно и од моменталната конкуренција.

002

Имено, се работи за исклучително интелигентно множество од различни технологии, комбинирани во облик на plug-in хибрид (можете да го приклучите директно на обичната електрична мрежа), кој има за цел да ги доближи електричните возила до секојдневието без тоа негативно да влијае врз комфорот, уживањето во возењето или должината на патувањето.

Mitsubishi Outlander PHEV (8)

За разлика од електричните возила кои имаат многу ограничена автономија и црпат енергија строго само од пакетот батерии, или пак хибридите од соседството – Toyota Prius и Honda Insight – Outlander PHEV ја користи моќта на двата електромотори кои перманентно ги движат тркалата на предната и задната оска. Бензинскиот мотор најчесто служи како агрегат за дополнување на батериите, а PHEV OS е „мозокот“ кој го управува целиот склоп од технологии, односно интелигентниот систем за контрола на сите тркала и секако, можноста да се приклучи на домашната електрична мрежа. Што тоа значи, објаснето на обичен македонски јазик? Тоа значи дека имате прилично способен теренец, кој има:

  • прифатлив и допадлив изглед, бидејќи не изгледа како „класично“ еко-возило,
  • многу простор во кабината за патниците и за нивниот багаж,
  • перманентен, неверојатно способен и интелигентен електричен погон на сите тркала, што значи дека вртежниот момент е инстантно достапен,
  • кабел за да го приклучите на обичната електрична мрежа,
  • способност да ве однесе (значително) подалеку од обичните електрични возила,
  • неверојатно ниска потрошувачка на гориво и практично занемарлива емисија на штетни гасови (1.9 l/100 km и 44 g/km).

Mitsubishi Outlander PHEV detail (4)

Сега можеме подетално да опишеме како всушност функционира Outlander PHEV. Предниот дел под поклопецот ги содржи: електромоторот за предните тркала, со моќност од 82 КС и вртежен момент од 137 Nm, електричниот генератор, бензинскиот дволитарски агрегат со моќност од 121 КС и вртежен момент од 190 Nm и уредот за контрола на погонот. Помеѓу оските, во самиот под се подредени 80 батериски ќелии со моќност од 12 kWh и резервоарот за гориво, со зафатнина од 45 литри (15 литри помалку отколку во „обичниот“ Outlander 4WD). Во задниот дел, под подот на багажникот се сместени задниот електричен мотор и уредот за контрола на задните тркала.

Mitsubishi Outlander PHEV detail (5)

Преку електромоторите кои се независни еден од друг, се постигнува перманентен погон на сите тркала со контрола преку кабел, односно “drive-by-wire”, што всушност значи дека нема губитоци при преносот на силата преку погонот до тркалата. Скоро идеалната распределба на тежината (55%  напред, 45% назад) овозможува оптимално дозирање на вртежниот момент, додека феноменалниот систем за контрола на тркалата S-AWC е „позајмен“ директно од семејниот болид Lancer Evolution. За да би можело сè ова да функционира беспрекорно, инженерите на Mitsubishi Motors го развија оперативниот систем PHEV OS, кој е базиран на MiEV OS од малиот електричен автомобил i-MiEV.

Mitsubishi Outlander PHEV tech (3)
PHEV OS е „мозокот зад целата операција“ кој диктира што и како ќе се случува со секој посебен дел од комплексниот систем во секој даден момент. Постојат три режими на работа кои PHEV OS самостојно и автоматски ги активира или деактивира во зависност од потребите и условите на патот.

  • Pure EV Mode – возилото се движи исклучиво на електричен погон и на сите тркала, користејќи ги батериите. Максимална брзина при овој модус е 120 km/h.
  • Series Hybrid Mode – електромоторите ги движат тркалата на предната и задната оска, но по потреба се активира бензинскиот агрегат, со цел само да ги полни батериите при движење. Бензинецот автоматски се активира во времетраење од 3-10 минути и во ситуации кога брзината е поголема од 120 km/h, или пак итно е потребна поголема моќност од 82 КС (на пример при претекнување или на нагорнина). PHEV OS е предодреден да го врати системот во Pure EV Mode во најкратко можно време.
  • Parallel Hybrid Mode – возилото се движи користејќи го бензинскиот мотор чија сила се пренесува на предните тркала, додека електромоторите служат како „помагачи“. Овој модус автоматски се активира при брзини поголеми од 120 km/h, или кога нивото на полнење на батериите е намалено. И во овој случај PHEV OS е предодреден да го врати системот во Pure EV Mode или Series Hybrid Mode во најкратко можно време.

Mitsubishi Outlander PHEV tech (7) Mitsubishi Outlander PHEV tech (6) Mitsubishi Outlander PHEV tech (5)

Префрлањето од еден во друг режим на работа се случува во дел од секундата и е практично незабележливо, така што ниту возачот, ниту патниците воопшто нема да забележат дека нешто се менува и дека технолошки чуда се случуваат под нивните седишта. Исто така, вреди да се напомене дека Outlander PHEV никогаш не ја користи максималната снага на системот, односно не ги форсира сите мотори да работат под максимално оптоварување. PHEV OS секогаш го бара најдобриот избор од режимите кои стојат на располагање, па затоа концептот на „максимална излезна моќност“ не постои.

Mitsubishi Outlander PHEV tech (2)

Батериите кај Outlander PHEV можат да се полнат на неколку начини:

  • автоматски, односно во движење, при „Series Hybrid“ и при „Parallel Hybrid“ режим на работа;
  • преку кабелот приклучен во електричната мрежа (Нормално полнење – околу 5 часа за 100%, Брзо полнење – околу 30 минути за 80% полнење);
  • режим за полнење на батериите – возачот го активира овој режим, при кој се користи бензинскиот агрегат за да се полнат батериите. Може да се активира и додека возилото стои во место. Особено е од корист кога нема надворешен извод на електрична енергија, на пример при екскурзија на непознат терен. При овој режим, батериите се полнат до 80% од нивниот капацитет за околу 40 минути.
  • регенеративно сопирање – батериите се полнат при оттргнување на ногата од педалот за гас или при сопирање. Нивото на регенерација е контролирано од возачот, преку рачката од менувачот или преку палките на управувачот.

Mitsubishi Outlander PHEV tech (4)  Mitsubishi Outlander PHEV tech (8)

Кај Outlander PHEV на располагање стојат уште неколку функционалности карактеристични за електричните возила. Имено, постои модус за штедење на батериите, кој може да се активира од страна на возачот, со цел да се искористи складираната електрична енергија за да го движи возилото во загадените центри на големите градови без да влијае негативно врз животната средина, или за едноставно уживање во тишината додека се движите низ некоја прекрасна природна околина. AVAS (Acoustic Vehicle Alerting System) е систем кој користи звучни сигнали за да им стави до знаење на пешаците дека се наближува возило, при брзини пониски од 35 km/h. EСО модусот се однесува на бензинскиот мотор и кога е активиран овој модус, клима уредот работи со подобрена ефикасност и се намалуваат забрзувачките перформанси, што влијае врз подобрувањето на ефикасноста и потрошувачката. Преку апликацијата за било кој од популарните паметни телефони, можете да го контролирате, манипулирате и временски распоредувате терминот за полнење на батериите, и воедно да имате увид на нивото на полнење, преостанато време за комплетирање на полнењето итн.

Mitsubishi Outlander PHEV detail (1)

На прв поглед тешко е да се идентификува Outlander PHEV доколку е во друштво на неговите браќа со мотори со внатрешно согорување, бидејќи освен неколку карактеристични детали и значката PHEV, овој Outlander е визуелно речиси идентичен со останатите претставници на овој модел.

100% off

Кај PHEV е маргинално намален просторот во кабината и во багажникот, поради позиционирањето на батериите и на задниот електромотор, па затоа, багажниот простор е намален за само 14 литри (од 477 на 463), подот во багажникот е подигнат за практично невидливи 19 милиметри, седечката површина на задните седишта е подигната за само 45 милиметри, додека одвоеноста на каросеријата од тлото е слична со онаа кај Outlander 2.2 DiD 4WD и изнесува 190 милиметри.

100% off

Веројатно како главен недостаток во однос на обичниот Outlander може да се посочи отсуството на третиот ред седишта, со што Outlander PHEV може да собере само 5 патници, за разлика од неговите браќа кои можат да „вдомат“ 7. Направени се засилувања во носечката конструкција поради зголемената тежина и за подобра заштита на батериите и резервоарот кои се наоѓаат во подот, помеѓу предната и задната оска.

Mitsubishi Outlander PHEV detail (2)
Некој можеби ќе се запраша, зошто инженерите на Mitsubishi Motors избрале бензински агрегат за во PHEV системот? Зошто не дизел, нели тој има подобра економија? Дволитарскиот современ MIVEC со 121 КС е подобар избор, бидејќи пазарите за кои е првенствено наменет Outlander PHEV, како погонско гориво го преферираат бензинот пред дизелот. Со потрошувачка од само 1,9 l/100 km, евентуалните подобри резултати на дизелскиот агрегат од овој аспект се чинат маргинални. Исто така, целокупните димензии, просторот кој го зафаќа под хаубата и подобрите NVH (Noise -Vibration – Harshness, односно Бучава – Вибрации – Грубост) карактеристики го прават бензинскиот агрегат подобар избор од дизелскиот за во PHEV системот.

100% off 100% off

Имајќи предвид дека Outlander PHEV е базиран врз веќе докажаната безбедносна структура на Mitsubishi која го носи името RISE (Reinforced Impact Safety Evolution), беше очекувано безбедноста на ова возило да е на високо ниво – и се разбира дека Outlander PHEV не разочарува ниту на тоа поле. Инженерите од EuroNCAP му доделија заслужени 5 ѕвездички за постигнатите резултати на нивниот краш-тест, истовремено доделувајќи награда за „напредни системи за безбедност“, за системот за избегнување на судири на Mitsubishi, кој го носи името FCM (Forward Collision Mitigation system). Други акроними за системи за безбедност кои ќе ги спомнеме се АСС (Adaptive Cruise Control) – темпомат кој ја прилагодува брзината во однос на сообраќајот, и LDW (Lane Departure Warning) – системот кој ве предупредува доколку несакајќи ја напуштите коловозната лента.

Mitsubishi Outlander PHEV (3)

Mitsubishi Outlander PHEV во моментов е единствено електрично возило кое ќе можете безгрижно да го користите за било која прилика и во било каква пригода, во секојдневниот живот. Изгледа како нормален SUV, не како класично ЕКО-возило; има доста добри теренски карактеристики благодарение на одличниот перманентен електричен погон на сите тркала; не болува од ограничен опсег на функционирање – како обичните електрични возила – бидејќи има автономија од 824 километри што е повеќе од доволно, особено имајќи предвид дека есенцијално се работи за електрично возило; има потрошувачка од само 1,9 l/100 km и емисија на штетни гасови од само 44 g/km итн. Доколку сè уште не сте уверени дека е така, погледнете ја табелата со споредба на перформансите на Outlander PHEV и неговите браќа. Обрнете посебно внимание кај бројките за потрошувачка, емисија на гасови, забрзување и меѓузабрзување.

Outlander PHEV 4WD 5-седишта Outlander2.0 CVT 4WD 5-седишта Outlander2.2 DiD A/T 4WD 5-седишта
Тежина 1810 kg 1490 kg 1585 kg
Багажен простор (5-седишта) 463 l 477 l 477 l
Моќност – МВС: 121 КС
– Ел.мотор (П): 82 КС
– Ел. мотор (З): 82 КС
150 КС 150 КС
Вртежен момент – МВС: 190 Nm
– Ел.мотор (П): 137 Nm
– Ел. мотор (З): 195 Nm
195 Nm 360 Nm
Автономија – Електрично: 52 km
– Вкупно: 824 km
895 km 1,035 km
Потрошувачка (комб.)
1,9 l/100 km 6.7 l/100 km 5.8 l/100 km
Емисија на CO2 44 g/km 155 g/km 153 g/km
Макс. брзина 170 km/h 185 km/h 190 km/h
0 – 100 km/h 11 сек. 12,6 сек. 11,7 сек.
120 – 140 km/h 6,5 сек. 7,2 сек. 7,4 сек.

 



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!