Новиот Pajero е поставен на платформата на пикапот Triton (односно L200) и доаѓа со сите потребни теренски системи за повторно да биде сериозен конкурент на малкуте вистински теренци кои сè уште се нудат на пазарот.
Pajero е модел кој беше очигледно отсутен во понудата на Mitsubishi. Па токму затоа, Mitsubishi одлучи дека сега е вистинското време да го врати на пазарот. Иако прво го лансира на неколку азиски пазари, познавачите шпекулираат дека новиот Pajero наскоро би можел да се врати и во Европа и да биде конкурент на Toyota Land Cruiser, Land Rover Defender и Ineos Grenadier, но и на новите хард кор теренци кои пристигнуваат од Кина.
И интересно, под предниот поклопец се крие 2.4-литарски турбодизел со турбополнач со варијабилна геометрија. Сега за сега немаме информации околу точната моќност, но од Mitsubishi потврдија дека ќе испорачува 470 или 480 Nm вртежен момент, во зависност од пазарите.
Интересно е што овој турбодизел нема никаква електрификација – нешто што е изненадувачки со оглед на историјата на Mitsubishi со електрификацијата. Истовремено, суспензијата е прилагодена за секакви терени (и со директна инспирација од искуството на Mitsubishi на Дакар релито) – а тоа значи растојание од подлогата до 230 милиметри, агол на пристап до 30.4 степени, агол на прекршување од 22.6 степени и агол на заминување до 25.8 степени.
Секако, силата се дистрибуира кон сите четири тркала преку нов 8-брзински автоматски менувач и Super All Wheel Control системот на Mitsubishi за погон на сите тркала.
Целосно-нов е и дизајнот. Новиот Pajero е долг безмалку 5 метри, а формата е истовремено препознатлива за Pajero, но и целосно нова и современа. Тука се очекуваните LED светла, но и робустните теренски детали – од големите и широки крила, до страничните елементи и робустниот дизајн на целиот голем теренец. Кабината добива седум седишта, а од Mitsubishi кажуваат дека многу внимание е посветено на материјалите, финалната изработка и чувството на робустност и квалитет. Секако, не недостасуваат ниту технологиите – Pajero добива два огромни 14.3-инчни екрани поставени во заеднички панел, на кои се прикажуваат многу инструменти потребни за теренско возење.
Pajero ќе се произведува во Тајланд заедно со L200. Продажбата ќе започне во Тајланд, Јапонија и Австралија во следните месеци, а Mitsubishi најавува дека Pajero понатаму ќе се продава на околу 100 пазари ширум светот.

















