ТЕСТ: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D Intense+: Созревање на Јапонскиот воин! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D Intense+: Созревање на Јапонскиот воин!

Новиот Outlander на Mitsubishi настапува самоуверено на глобалната сцена и ќе се бори со жестоката конкуренција за секој купувач. Дали Outlander го има она што е потребно за да се издвои од конкуренцијата?

Ќе започнам од самиот почеток – кога за прв пат ги видов фотографиите од новиот Outlander бев скептичен. Навистина ми се допаѓаше Jet Fighter дизајнерската насока која ја следеше минатиот модел и сметав дека тој модел ќе биде навистина тешко да се надмине. Но моделот кој имав можност да го пробам не само што ме убеди дека новиот Outlander е достоен наследник на својот претходник, туку и дека ова е еден од оние автомобили кои приредуваат одлично изненадување и продолжуваат да изненадуваат со своите таленти.

mitsubishi-outlander-flower

Да зборуваме за дизајнот – уште на прв поглед новиот Outlander изгледа некако достоинствено. Веќе ја нема спортската агресија на минатиот модел, но таа е достојно заменета со резервирана префинетост. Комбинацијата од меки линии и големи рамни површини го прават Outlander да изгледа голем и отмен, како да припаѓа неколку скалила погоре на ценовниот поредок. Однапред јасно се исцртуваат светлосните структури кои помалку заличуваат на поголемиот брат Pajero, а од задната страна чистите линии му даваат доза на престиж која не сме навикнати да ја гледаме кај автомобили од оваа категорија. Едноставно, лесно е да го замислам Outlander како освојува терени како Големиот Кањон во Соединетите Американски Држави.

mitsubishi-outlander-rear-side

Outlander продолжува да изненадува и во внатрешноста. Ја отворам широката возачка врата и веднаш можам да приметам дека во ентериерот е комфорен и повикува кон подолги патувања, како на асфалтираните патишта, така и надвор од нив. Предните седишта се комфорни и лесно се наоѓа одлична возачка позиција. Седењето е високо и авторитативно, и влева незаменливо чувство на безбедност и сигурност.

Прегледноста е повеќе од задоволителна благодарение на големите стаклени површини и големите странични ретровизори, а маневрирањето е олеснето благодарение на камерата за паркирање. Дури и во градскиот метеж, во ниеден момент не се почувствував несигурно или како да управувам автомобил кој е тешко да се паркира. Одличната слика ја дополнува богатата опременост на „мојот“ Outlander – ксенонски светла, големи 18-инчни алуминиумски фелни, keyless систем за отклучување и заклучување на возилото, одличен Rockford Fosgate аудио систем со 9 звучници, едно чудо безбедносни системи и нивните акроними, многу воздушни перничиња, аудио систем со можност за репродукција на Mp3, и уште навистина многу. Ако почнам да ја набројувам целата опрема, тоа може да потрае..

mitsubishi-outlander-interior

Внатрешноста на Outlander е привлечна и ергономски одлично изведена. Малку ќе забележам на едноставниот дизајн на централната конзола, но Outlander тоа одлично го компензира со големиот мултимедијален уред осетлив на допир, јасните и читливи инструменти и сеопфатната опременост. Во секој ред седишта има доволно место за патниците – дури и во третиот ред!

Да, Outlander доаѓа со три реда седишта и место за вкупно седум патници. Со едноставно извлекување, подот од багажниот простор се трансформира во трет ред седишта. Пристапот не е најлесен, но сепак практичноста и функционалноста на третиот ред седишта се неизмерни, а на тие седишта има сосем доволно место за возрасни патници. Кога третиот ред седишта е спуштен, достапни се 591 литар багажен простор, а дури и кога овие седишта се во функција има доволно место за неколку торби.

mitsubishi-outlander-rear-seats

Зад воланот, Outlander лесно ги надминува првичните импресии на огромен автомобил, па сосем лесно и без посебен напор се справува со својот габарит. Уште поинтересно беше кога со нашиот фотограф го насочивме Outlander надвор од асфалтираните улици и решивме да ги истражиме неговите способности како теренец.

Импресиите од теренските способности на Outlander се едноставно – одлични! Outlander лесно се справи со сите препреки кои му ги поставивме, и без воопшто напор ни покажа како е да се живее надвор од урбаната џунгла. Секако, тука огромна улога игра блокадата на диференцијалот благодарение на која Outlander лесно ги надмина сите предизвици и овозможи максимална контрола во сите услови. Секоја чест на инженерите од Mitsubishi, но со оглед на искуството кое овој Јапонски производител го има со теренците, како и успесите кои ги има на Dakar, воопшто не бевме изненадени од талентите на овој автомобил.

mitsubishi-outlander-grass

Можностите на Outlander надвор од асфалтот во огромен дел се должат и на одличниот 2.2-литарски Mivec турбодизел агрегат. Благодарение на варијабилната работа на брегастото вратило, Outlander оддава чувство дека има повеќе од декларираните 150 коњски сили. Тоа се должи на поголемата од вообичаено зафатнина, како и импресивните 380 Nm вртежен момент при само 1750 вртежи во минута. Овој моќен дизел му овозможува на Outlander забрзување до 100 километри на час за само 10.2 секунди, како и максимална брзина од 200 километри на час – бројки кои се подобри од просекот во оваа категорија. Сето ова е искомбинирано со екстремно ниска потрошувачка – официјалните податоци кажуваат дека Outlander троши само 6.4 литри дизел на 100 изминати километри во градски услови – ние измеривме околу 7.7. Секако, оваа бројка расте доколку си ја пробате среќата со теренско возење. На отворено измеривме нешто под 7 литри на 100 изминати километри.

mitsubishi-outlander-details

На крајот, Outlander ме остави со мошне позитивни импресии. Навистина се радувам кога некој автомобил не само што ќе ги надмине моите очекувања, туку и ќе го направи тоа толку убедливо и безкомпромисно како што тоа го направи Outlander. Комфорот, опременоста и рафинираноста, но и одличниот мотор и теренските способности се силни адути со кои Mitsubishi може да се пофали. Доколку во моментов барате ваков автомобил, не смеете да ја направите грешката и да го заобиколите Outlander – теренецот на Mitsubishi сосем заслужено ја однесе наградата за SUV на Годината во Македонија за 2013.

  • 2.2 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.2 секунди
  • Должина: 4665 mm
  • Ширина: 1800 mm
  • Висина: 1680 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 591 литри
  • Потрошувачка: 6.4 (официјална, градска), 7.7 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mitsubishi Outlander 2.2 DI-D Intense+ – 31.980 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.