full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 3 2.2 SKYACTIV-D Revolution 150 – Погодена комбинација!

Поминавме неколку дена со Mazda 3 придвижувана од одличниот 2.2-литарски SKYACTIV-D турбодизел со 150 коњски сили – економичниот и спортски хечбек ни остави навистина позитивни импресии!

Ова не е наш прв контакт со Mazda 3 – веќе возевме Mazda 3 хечбек со 2-литарскиот бензинец со 120 коњски сили, како и Mazda 3 седан со 1.5-литарскиот бензинец со 100 коњски сили, но ова е наш прв контакт со Mazda 3 опремена со одличниот SKYACTIV-D турбодизел на јапонскиот производител. Модерниот, 2.2-литарски турбодизел се покажа како одличен партнер на Mazda 3, а ние имавме можност одблиску да се запознаеме со неговиот карактер.

mazda-3-siderear-malikovski-carclub

Веќе неколку пати сме кажале дека нам ни се допаѓа дизајнот на Mazda 3. Агресивниот и спортски карактер делумно се должат токму на дизајнот – кој благодарение на малку несекојдневните пропорции успешно се издвојува од конкуренцијата. Во време кога конкуренцијата настапува малку конзервативно, Mazda храбро го наметнува својот KODO дизајнерски јазик па автомобилот лесно се истакнува и е вистинско освежување во класата – како што веќе еднаш рековме, нема да си го изгубите автомобилот на паркинг, особено ако го нарачате во карактеристичната црвена боја која е заштитна на јапонскиот бренд.

mazda-3-front-side-malikovski-carclub

Благодарение на компактните димензии, Mazda 3 лесно се снаоѓа во градскиот метеж. Со должина од 4460 милиметри, висина од 1465 милиметри и ширна од 2053 милиметри, Mazda 3 е совршено во рамките на класата – и нуди доволно простор без да биде преголема. Меѓуоскиното растојание од 2700 милиметри е меѓу најголемите во класата, па има и доволно место на задната клупа. Патниците ќе имаат на располагање 364 литри багажен простор – малку помалку од просекот во класата, но сосема доволно за потребите на купувачите.

Поврзано:   ТЕСТ: Mazda 3 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid

mazda-3-interior1-malikovski-carclub

Како и првиот пат, и сега позитивни впечатоци ни остави ентериерот на Mazda 3. Да, на некои места има некои пластики кои би можеле да бидат подобри, но генерално чувството во ентериерот е мошне пријатно и изненадувачки спортско. Седењето е ниско а прегледноста кон предниот дел е одлична. Кон задниот дел прегледноста би можела да биде подобра, но тоа е цената која се плаќа за привлечниот дизајн. Тука многу помагаат сензорите за паркирање, но ние би отишле чекор понатаму и би побарале паркинг камера. Ергономијата е на завидно ниво и лесно се снајдовме со сите контроли. Ни се допадна и дампирањето на контролите кои даваат позитивен фидбек при користење.

mazda-3-interior2-malikovski-carclub

Сега веќе можеме да зборуваме малку и за моторот! Одличниот 2.2-литарски турбодизел со 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент веќе добро го познаваме – со него поминавме неколку стотици километри во Mazda 6 Sport Combi, но во Мазда 3 карактерот му е уште поизразен. Благодарение на фактот дека во 3-ката е задолжен да помести неколку стотици килограми помалку, уште понагласени се перформансите и карактерот на моторот. Забрзувањето до 100 километри на час трае само 8.1 секунда (цела секунда помалку од Mazda 6 Sport Combi) – а моќта на моторот е достапна во скоро секој режим на работа – всушност, моторот има доволно вртежен момент и е толку флексибилен, што менувањето брзини станува скоро непотребно.

mazda-3-front-top-malikovski-carclub

Дури и во повисок степен на пренос, кога ќе ја доближите педалата за гас до патосникот, автомобилот почнува веднаш да забрзува и го прави тоа линеарно, скоро без никаква турбо-дупка ниту пак воздржување. Официјалните бројки зборуваат за потрошувачка од 4.9 литри гориво во градски услови – бројки кои ние не успеавме да ги достигнеме, но сепак измеривме потрошувачка од околу 6 литри низ град!

Поврзано:   Mazda влегува во Touring Car Racing со новата 3 TCR!

mazda-3-details-malikovski-carclub

Оние кои сакаат малку поентузијастичко возење ќе се чувствуваат како дома во Mazda 3. Чувството зад воланот е одлично, а управувањето е директно и прецизно и автомобилот подготвено одговара на наредбите од возачот. Едноставно, лесно е да се ужива во комуникативното управување и спортски-настроената шасија која гладува за свиоци.

mazda-3-siderear-crop-malikovski-carclub

Исто како и овој пат, и минатиот пат кога возевме Mazda 3 хечбек, автомобилот беше во Revolution ниво на опрема – а тоа значи Xenon предни светла со LED дневни светла, LED задни светла, многу воздушни перници и безбедносни системи, сензори за паркирање, одличен мултимедијален уред со навигација и Bluetooth, многу сензори, автоматски клима уред, темпомат, ограничувач на брзина и уште многу други ситници. Секако, мора да се спомнат и одличните резултати на Mazda 3 на EuroNCAP тестирањата, каде Mazda3 освои максимални 5 ѕвездички.

mazda-3-euroncap

Ова беше интересна можност да поминеме малку време со Mazda 3 опремена со дизел мотор. Од она што можевме да го видиме, комбинацијата на Mazda 3 и 2.2-литарскиот SKYACTIV-D е несекојдневно привлечна. Малку е невообичаен изборот на Mazda да понуди „голем“ 2.2-литарски мотор во време кога трендот оди кон намалување на моторите, но сепак на крајот се наметнува заклучокот дека карактерот и подготвеноста на моторот совршено му одговараат на хечбекот со спортски амбиции – па купувачите ќе можат да уживаат во атлетскиот дух на хечбекот, да добијат завидни перформанси, а истовремено да уживаат во придобивките од економичноста на турбодизелот. Вистински мулти-талент!

mazda-3-front-top2-malikovski-carclub

 

  • 2.2 – литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 210 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.1 секунда
  • Должина: 4460 mm
  • Ширина: 2053 mm
  • Висина: 1465 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 364 литри (1263 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 4.9 (официјална, градска), 6.0 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda 3 2.2 Skyactiv-D Revolution – 24.480 Евра
    Повеќе информации: Mazda.mk
Поврзано:   Mazda 2 добива обновување на екстериерот и нови технологии

 Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.