Новите резултати на EuroNCAP тестирањата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новите резултати на EuroNCAP тестирањата

Неколку нови автомобили имаа шанса да докажат колку се безбедни на EuroNCAP тестовите. Видовме неколку изненадувања, додека другите автомобили рутински ги освоија 5-те ѕвезди.

Единаесет нови автомобили беа пред сериозен тест – да се освојат максималните 5 ѕвездички на тестот за безбедност но меѓу нив имаше некои резултати кои навистина не ги очекувавме.

EuroNCAP-ratings

BMW i3 EV – автомобил за кој веќе неколку пати пишувавме, најпрво како концепт а потоа и како серски автомобил – незадоволително ги помина прилично строгите услови на EuroNCAP. i3 освои прилично високи оценки за безбедноста на возрасните патници и децата, но најголем проблем за електричниот автомобил беше безбедноста на пешаците, каде освои ниски 57 %.

Ford-EcoSport-EuroNCAP-3[2]

Уште едно разочарување беше и малиот SUV на Ford – EcoSport – кој исто така освои само 4 ѕвезди на EuroNCAP. EcoSport освои неверојатни 93% за безбедноста на возрасните патници во автомобилот, но потоа сликата ја расипа со само 77% за децата како и ниските 58% за заштита на пешаците.

Новите, построги критериуми што ги наметна EuroNCAP, особено во делот за заштита на пешаците во соoбраќајoт беа кобни  и за новиот Nissan Note кој исто како и BMW i3 и Ford EcoSport извади минимални 58% во оваа категорија, а со тоа и само 4 ѕвезди.

Пред само неколку месеци на EuroNCAP тестот се појави Mercedes-Benz Citan кој тогаш освои само 3 ѕвезди. Сега значајно подобрен, Citan повторно храбро застана пред препреките на EuroNCAP. Да, помина подобро, но сепак не ги освои максималните 5 ѕвезди, туку само 4.

Нареден на сцената беше Volkswagen T5, кој исто така замина со 4 ѕвезди. Иако Т5 имаше прилично солидни резултати за безбедноста на возрасните патници и децата, разочара со најниските 32% за безбедноста на пешаците во сообраќајот.

Сепак, покрај овие автомобили имаше и неколку кои успешно ги задоволија строгите критериуми на EuroNCAP и заминаа со максималните 5 ѕвезди. Тука најпрво ќе ги сместиме Infinity Q50 и Maserati Ghibli – автомобилите кои покажаа дека безбедноста не е луксуз. Maserati Ghibli кој неодамна ги помина тестирањата на IIHS каде беше именуван за најбезбедниот автомобил, сега успешно се закити и со максималните 5 ѕвезди на EuroNCAP.

Maserati-Ghibli-EuroNCAP-4[3]

Успешен ден имаше и новото Peugeot 308 кое неодамна имавме прилика и да го повозиме (и мора да признаеме дека не воодушеви) и кое ги освои максималните 5 ѕвезди на EuroNCAP. Прилично самоуверено и новата Mazda 3 лесно ги помина тестирањата и со прилично високи резултати ги освои 5-те ѕвезди.

SUV-от на Mitsubushi, новиот Outlander исто така очекувано освои 5 максимални ѕвезди на EuroNCAP, а кон листата на тие кои освоија 5 ѕвездички се приклучи и Ford Tourneo.

Во продолжение ќе видите видео за Maserati Ghibli кое имаше неверојатно високи резултати на тестирањата, како неколку фотографии од останатите учесници.



Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.