Ова е Maserati Ghibli – моделот кој би требало да му помогне на италијанскиот производител подобро да конкурира на светските пазари – и за прв пат, едно Maserati ќе се нуди и со дизелско срце!
Ghibli е предвиден да биде конкурент на веќе докажаните германски натпреварувачи во класата – а тоа се Audi A6, BMW 5 и Mercedes E-klasse. Во оваа класа борбата е навистина жестока, па Maserati ќе мора да понуди сериозен конкурент.
Според информациите кои се презентирани, новиот Ghibli ќе биде токму тоа – моделот ќе се нуди со два бензински и еден дизел мотор. Бензинските мотори се V6 со зафатнина од 3.0 литри и турбополнач, и испорачуваат 330 односно 410 коњски сили. Дизелот е исто така 3.0-литарски V6 со турбополнач, но за неговата моќност сеуште немаме информации. Можеме да претпоставиме дека ќе се вградува 3.0-литарскиот V6 дизел кој веќе се вградува во Lancia Thema (европската верзија на новиот Chrysler 300C) кој испорачува 190, односно 240 коњски сили, во зависност од изведбата.
Ова е очекуван потег на Maserati, бидејќи најпродаваните модели на конкурентите се токму со дизел мотор. Сите верзии ќе бидат поврзани со 8-степен автоматски менувач изработен од ZF, а ќе има и опција за погон на сите четири тркала.