Кинескиот гигант заедно со својот соработник InfiMotion го претстави новиот електричен погон кој ветува дека ќе биде вистинска револуција.
Geely и партнерот InfiMotion го претставија Thunder 16-in-1 Intelligent e-Drive системот. Комплицирано име, но импресивни технологии. На кинеските инженери им успеа да направат нешто навистина импресивно – во еден модул спакуваа електромотор, инвертер, DC-DC конвертер, полнач, пренос и уште грст други хардверски и софтверски компоненти. И сето тоа тежи само 75 килограми!
Всушност, од Geely кажуваат дека благодарение на блиската интеграција на сите овие системи, бројката на електрични конекции се намалува за цели 30%. Според Geely, системот е околу 15% полесен од просекот во индустријата.
Системот ќе се вградува во Galaxy TT седанот кој Geely неодамна го најави. И комбинацијата е импресивна – според Geely, системот демонстрира ефикасност од 93.8% и со тоа е еден од најефикасните електрични погони во светот. Според тестирањата, Galaxy TT трошел само 8.2 kWh на 100 километри на тестирање во Кина. И ако мислите дека тестот е некако манипулиран – резултатите се официјален Гинисов Рекорд поставен околу езерото Qinghai во Кина.
Galaxy TT ќе се нуди со три батериски модули – 52.4, 63.8 и 75.2 kWh и најголемата батерија овозможува досег до 725 километри со едно полнење. Според некои информации, најмоќната верзија (со два електромотори) ќе има на располагање до 570 коњски сили кои овозможуваат забрзување до 100 километри на час за 3.8 секунди.











