Range Rover официјално го откри првиот поглед кон својот целосно нов Range Rover GT – модел кој не само што ја проширува гамата на брендот, туку отвора и сосема ново поглавје во неговата историја.
Nаместо уште еден SUV, британскиот производител подготвува елегантен електричен Grand Tourer со силуета на купе, кој треба да дебитира во текот на 2027 година. Новиот GT ќе биде петтиот член на семејството Range Rover, позициониран помеѓу класичен SUV и луксузен гран турер, со фокус на максимална удобност при долги патувања, високи перформанси и најсовремена технологија.
За разлика од електричните Range Rover и Range Rover Sport, кои ја користат MLA архитектурата, Range Rover GT е првиот модел поставен на целосно новата EMA (Electrified Modular Architecture) платформа. Таа е развиена првенствено за електрични автомобили, но е доволно флексибилна за во иднина да поддржи и хибридни погонски системи.
Во првата фаза, GT ќе биде достапен исклучиво како електрично возило со батерија (BEV), додека хибридна верзија ќе пристигне подоцна во неговиот животен циклус. Иако техничките детали сè уште не се откриени, Range Rover засега ги задржува во тајност информациите за моќноста, капацитетот на батеријата, автономијата и брзината на полнење.
Најголемата новина е ентериерот, кој целосно се дистанцира од досегашниот дизајнерски јазик на брендот.

Во кабината доминира минимализмот – голем централен екран, дигитален инструмент-панел и речиси целосно отсуство на физички копчиња. Возачот добива ново мултифункционален управувач, додека вентилационите отвори и звучниците се речиси целосно интегрирани во архитектурата на ентериерот.
Range Rover вели дека целта била да создаде „простор на мир и тишина“, со намалување на визуелниот и акустичниот шум, а употребени се нови премиум материјали, вклучувајќи текстилни облоги кои ја заменуваат традиционалната кожа на одредени површини.
Особено внимание е посветено на патниците назад, каде компанијата ветува водечки простор за нозете во класата, а моделот ќе биде достапен и во конфигурации со четири или пет седишта.

Иако прототипите сè уште се камуфлирани, веќе е јасно дека GT носи сосема нова интерпретација на препознатливиот Range Rover дизајн.
Со GT, Range Rover јасно покажува дека сака да влезе во сегментот на луксузни електрични GT модели, комбинирајќи ги традиционалниот комфор, високата технологија и електричниот погон во сосема нов формат.
Производството ќе се одвива во фабриката Halewood во Велика Британија, каде ќе се изработуваат и идните модели базирани на EMA платформата. Финалните технички спецификации, перформансите и цената ќе бидат објавени подоцна во текот на годината, пред официјалното пристигнување на моделот во 2027 година.















