ПРЕМИЕРА: Range Rover Sport SV е нов луксузен знаменосец со 635 коњски сили и карбонски тркала! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Range Rover Sport SV е нов луксузен знаменосец со 635 коњски сили и карбонски тркала!

Range Rover ја пензионира ознаката SVR за моделот Sport, но на негово место доаѓа Range Rover Sport SV кој е уште помоќен, полуксузен и побрз!

Најважниот новитет кај Range Rover Sport е новиот лајт-хибриден 4.4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 635 коњски сили и 750 Nm вртежен момент, односно дури 800 Nm вртежен момент кога Dynamic Launch Mode режимот е активиран. Сето ова значи дека Range Rover Sport SV е најпотентниот Range Rover Sport во историјата и забрзува до 100 километри на час за помалку од 4 секунди, но и достигнува максимална брзина од 290 километри на час. Не е воопшто лошо за огромен супер-луксузен SUV кој тежи повеќе од 2.5 тони, нели?

Истовремено, Range Rover Sport SV добива и големи карбонски тркала. Всушност, Range Rover Sport SV ги добива првите 23-инчни карбонски тркала во светот кои тежат цели 36 килограми помалку. Range Rover Sport SV добива и карбон-керамички сопирачки од Brembo, како и карбонски поклопец на моторот.

Тркалата се обвиени во Michelin Pilot Sport All Season 4 пневматици во димензии 285/40 R23 напред и 305/35 R23 позади. За уште подобро управување, SV Mode режимот дополнително го приближува големиот SUV до подлогата за уште 15 милиметри, го подобрува одзивот на педалата за гас, го прави управувањето подиректно и ја забрзува работата на автоматскиот менувач.

Во кабината на луксузниот Sport SV дебитира новиот BASS систем – новите Body and Soul Seats седишта имаат вградени трансдуктори кои музиката ја претвораат во физичи вибрации и им овозможуваат на возачот и совозачот да ја „почувствуваат“ музиката. Седиштата се дел од новата програма за добросостојба која има неколку различни режими за работа. Звукот доаѓа од врвниот Meridian аудио систем кој има 29 звучници и испорачува скоро неверојатни 1430 Вати.

Во текот на првата година Range Rover Sport SV ќе се нуди само како врвен Edition One кој според зборовите кои пристигнаа од Range Rover ќе биде „достапен само за избрани клиенти кои ќе бидат поканети да го нарачаат“.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.