Премиера: Првиот електричен модел на BMW – новиот BMW i3! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Првиот електричен модел на BMW – новиот BMW i3!

Со официјалното лансирање на новиот под-бренд кој ќе ја носи ознаката i, Баварскиот производител сериозно зачекорува во електричната иднина на автомобилите!

Новиот i3 имаше истовремена премиера во три светски градови – во Њу Јорк, Лондон и Пекинг. За време на презентацијата покрај плановите за започнување со продажба уште оваа есен, BMW објави и некои од техничките детали за овој технолошки-напреден модел.

Првата работа која треба да ја знаеме е дека автомобилот е изработен од CFRP, односно Carbon Fibre Reinforced Plastic – благодарение на овој материјал постигната е исклучително ниска тежина на автомобилот, а со тоа се подобруваат перформансите и досегот на електромоторот. Автомобилот ќе тежи само 1195 килограми, а може да се пофали со 168 коњски сили и 250 Nm вртежен момент.

Ќе се нудат две изведби – едната е електрична верзија, без мотор на внатрешно согорување, а другата е „хибридна“ верзија каде традиционалниот мотор со внатрешно согорување се користи како Range Extender, односно единствената работа на овој мотор е да ги дополнува батериите. Забрзувањето до 60 километри на час трае 3.7 секунди, додека забрзувањето до 100 километри на час трае 7.2 секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 150 километри на час.

Продажбата ќе започне оваа есен, а во зависност од изведбата i3 ќе чини 34.950 евра за електричниот модел, или 39.450 евра за Range Extender моделот. Овие цени се секако, за во Германија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.