ВОЗЕВМЕ: Се запознавме со новиот, радикален Peugeot 508 во Монако! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Се запознавме со новиот, радикален Peugeot 508 во Монако!

Новиот Peugeot 508 настапува со многу ветувања – од модерни и чисти мотори, па сè до екстровертен дизајн и најнови технологии – а сето тоа е потребно да се успее во сегмент каде конкуренцијата станува сè помалубројна, но и сè посилна!

Ако Ве предизвикаме да ги наброите седаните кои припаѓаат во Д-сегментот, најверојатно ќе можете да го направите тоа на прсти. Сегментот кој своевремено беше меѓу најмоќните последниве неколку години како да е во состојба на слободен пад. Тоа е директен резултат на зголемената продажба на SUV моделите кои стануваат сè попопуларни меѓу купувачите за сметка на автомобилите од другите сегменти.

Турбулентни времиња, значи. Во Д-сегментот останаа многу малку мејнстрим играчи – неколку јапонски брендови веќе ги повлекоа моделите од тој сегмент, а на останатите производители не им оди баш сјајно – продажбата во сегментот во 2017, во однос на 2016 е намалена за скоро 15%!

„Но Андреја“ – ве слушам како прашувате – „ако продажбата во сегментот е толку намалена, зошто Peugeot инвестира толку многу во нов модел?“ И тоа е сосем валидно прашање, односно – дури и очекувано прашање. Ќе се обидам одговорот на тоа да го дадам во неколку различни насоки. Прво мораме да напоменеме дека Peugeot има одлична историја со големи седани. Сигурно ќе се сетите на одличниот Peugeot 406 кој беше навистина успешен кај нас, а тука е и неговиот подеднакво популарен наследник – 407. Минатиот 508 се обиде да ги спои 407 и големиот 608 во еден автомобил, но дизајнот беше премногу поларизирачки и иако продажбата беше добра, никогаш не ги исполни очекувањата на Peugeot. Но несомнено – искуството, традицијата и познавањето се тука – па би било навистина несреќна одлука да се турне сето тоа на страна.

Од друга страна – токму бидејќи бројот на модели во сегментот е намален и токму бидејќи конкуренцијата е толку силна, сега е времето да се понуди навистина добар производ – и да не се биде уште еден од неколкуте брендови кои само нешто понудиле, туку да се биде меѓу водечките производители во сегментот и да се гради односот со купувачите во следните 10-тина години. И токму тука, Peugeot настапува амбициозно и самоуверено.

Поврзано:   Peugeot најавува интегриран ChatGPT во целата гама и 8-годишна гаранција за Е-3008

Всушност, за да го претстави новиот 508 во вистинско светло, Peugeot одлучи да ја направи презентацијата за медиуми во центарот на европската опулентност каде казината, скапите ресторани и британските, италијански и германски автомобили чии цени се со шест или седум цифри владеат со пејсажот – Монако. Храбро.

Екстровертен и храбар дизајн

Фотографиите кои ќе ги видите од целосно-новиот Peugeot 508 едноставно нема да ве подготват за првиот контакт „во живо.“ Новиот автомобил е понизок, пократок и поширок – а благодарение на тоа има став кој не сме навикнати да го очекуваме од Peugeot во овој сегмент. Дизајнерите на Peugeot свесно направиле некои компромиси за да добијат дизајн кој јасно и гласно се издвојува од конкурентите – наместо вертикални, преовладуваат хоризонтални линии – наместо височината, акцент е даден на широчината и динамичноста. Ова е автомобил кој како да кани – „дојди, вози ме, супер ќе си поминеме!“

Првиот контакт го дефинираат големите LED дневни светла. Како рамка го обвиваат предниот дел на 508 на кој широките светлосни групи и тродимензионалната маска на ладилникот му даваат соодветна „длабочина“. Гордо над маската на ладилникот стои моделската ознака – нешто што одамна го немаме видено кај Peugeot, но се радуваме да видиме дека повторно е тука.

Острата карактерна линија ги издвојува стаклените површини од „металот“ и ја истакнува должината на 508, а вратите кои немаат рамки (исто како кај некое спортско купе) покрај тоа што се едноставно кул, овозможуваат кровната линија да е неколку сантиметри пониска, а тоа пак резултира со динамичната форма на новиот автомобил. Дооооолгата, опаѓачка кровна линија уште повеќе ги истакнува купеовските форми, а на задниот дел вниманието го привлекуваат „споените“ задни светла кои истовремено се малку ретро, но и многу современи.

Авантгардна, комфорна кабина која зрачи со квалитет

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува најновата генерација на I-Cockpit кабината на Peugeot. Тука е очекуваниот управувач со намалени димензии, но добиваме и многу повеќе – директно над управувачот е поставен еден голем дигитален дисплеј на кој се прикажуваат главните информации околу возењето, а на централната конзола е вториот преку кој се прикажуваат информации околу навигацијата, мултимедијата и многу, многу повеќе. Возачкото седиште е поставено ниско, спортски – па и возачката позиција е соодветна. Прегледноста е одлична – освен кон задниот дел, но тоа е резултат на дизајнот, и е цена која сме повеќе од подготвени да ја платиме.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот, голем E-5008!

Она што успева истовремено да не изненади и да не импресионира е квалитетот на материјалите во кабината, како и завршната обработка. Тука најубаво се гледаат премиум амбициите на Peugeot – сè што ќе допрете е покриено со квалитетни и фино-текстурирани материјали, а нивото на завршната обработка без никакви резерви можеме да ја спроедиме со некои од германските премиум брендови. Сите звуци се пригушени и се забележува дека е посветено многу, многу внимание на рафинираноста и мирот во возењето.

Модерни, супер-чисти и моќни погонски единици

Но пред да зборуваме за искуството зад управувачот, ајде малку да зборуваме за моторите. Новиот Peugeot 508 се нуди со 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 или 225 коњски сили, како и два турбодизел мотори. Помалиот турбодизел е 1.5-литарски BlueHDI со 130 коњски сили, а поголемиот е 2-литарски и може да се добие со 160 или 180 коњски сили.

Мануелен менувач може да се добие само кај основиот турбодизел, додека сите други верзии се нудат исклучиво со новиот ЕАТ8 автоматски менувач на PSA. Сите мотори ги исполнуваат најновите и најстрогите стандарди за еколошка прифатливост, а нашите домаќини од Peugeot ни најавија дека наскоро во понудата ќе биде додаден и 225-коњски плаг-ин хибрид кој ќе биде уште почист.

За време на нашето возење ние поминавме време со двата бензинци, како и со 180-коњскиот турбодизел. Бензинците силно го повлекуваат 508 и нудат перформанси кои се повеќе од задоволителни – опремен со 225-коњскиот турбо-бензинец, 508 забрзува до 100 километри на час за 7.3 секунди и постигнува максимални 250 километри на час. Секако, за нашиот пазар поинтересен е турбодизелот – а оној со 180 коњски сили пристигнува „до стотка“ за 8.3 секунди и ветува исклучително економична „жед“ од 5.7 литри дизел гориво на 100 километри.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

Многу, многу внимание посветено на деталите

Посветеноста на инженерите на Peugeot кон деталите се забележува и во рафинираноста на моторите – во кабината едноставно не се пренесуваат никакви вибрации, без разлика на тоа која погонска единица ќе ја одберете. Едноставно – седнете зад управувачот, и уживајте во возењето.

А ако веќе зборуваме за возењето, мораме да напоменеме дека големината на 508 не е никаков проблем за маневрирање во градскиот метеж – дури ни во целодневниот хаос во Ница и Монако. Малиот управувач дава чувство како да сте во картинг, а сензорите и камерите се тука да ви помогнат да се снајдете и во најтесните улички и паркинг места.

Но сепак, талентите на 508 не завршуваат таму – насочете го кон свиоци и ќе ве пречека компетентен автомобил кој иако можеби не е најспортскиот во класата, сепак е доволно динамичен да може да понуди насмевки кога ќе го побарате тоа од него – а истовремено може да биде идеално комфорен Гранд Турер и да „голта“ километри на отворен пат.

Французи, браво!

Нашето дружење со 508 во Монако полека-полека се наближува кон својот крај. Првите впечатоци се повеќе од позитивни – новиот 508 не само што јасно и гласно ги демонстрира амбициите на Peugeot, туку во класата наметнува некои нови правила и нови стандарди. Французите – и оние од Peugeot, но и сите други – се неизмерно горди на новиот 508.

Како што возевме во и околу Монако, минувачите нè застануваа и нè прашуваа за новиот автомобил, ни покажуваа „палци нагоре“ и во нивните очи се гледаше гордоста со новиот француски знаменосец.

Всушност – тоа е можеби и најдобриот заклучок за новиот 508. Со оглед на дизајнот, технологијата и динамичноста, на новиот 508 не треба да се гордеат само луѓето од Peugeot, туку слободно може да се гордее и цела Франција. Навистина ретко се гледа ваков скок кај еден автомобил од една генерација во друга. Французи, браво! Vive la France!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.